Центарот за управување со кризи (ЦУК) информира дека пожарот што избувна во фабриката за бои и лакови кај село Фалише, Општина Тетово, е ставен под контрола.
Има по малку чад, но на лице место континуирано се уште има екипа пожарникари од ТППЕ Тетово којашто ја контролира ситуацијата и има и полиција за обезбедување на локацијата, информираат од ЦУК.
Согласно информациите во ЦУК, екипа Од ЈЗУ Центар за јавно здравје Тетово е на терен и за да ја испита водата за пиење, а резултатите ќе бидат готови за неколку дена.
Од ЈЗУ Тетово известуваат дека состојбата на водата ќе биде во ред, бидејќи бушотината од којашто се црпи вода имала 50 метри длабочина.
Вчера претпадне изби пожар во продавница и магацин на фирмата „Евроком“ во близина на тетовското село Фалише, во кои се чувала голема количина бои и други хемиски материјали. Сопственикот на фирмата во разговор со Стојанче Ангелов, директорот на ЦУК кажал дека можеби имало и сто тони од овие хемиски материи кои беа зафатени од огнот.
На местото на пожарот првин дошла Противпожарната екипа (ПП) од Тетово како и претставници од Центарот за управување со кризи (ЦУК), кои поради големината на пожарот и неможноста тетовските пожарникари сами да го изгаснат, напомош ги повикале и противпожарните екипи од Скопје, Куманово и Велес.
извор:ЦУК