Уште во денешниот ден (среда) уживајте во претежно сончевото и топло време, и покрај тоа што кон крајот на денов и во вечерните часови облачноста ќе започне да се зголемува.
Од утре (четврток) па во деновите потоа, вклучувајќи го и викендот ќе имаме зголемена облачност и повремени локални врнежи од дожд, но со послаб интензитет. Поради продор на значително постудена воздушна маса од истокот и од североистокот на Европа, температурите позначително ќе опаднат, и тоа за 7 до 8 степени во однос на денешните.
Заладувањето најмногу ќе го почувствуваме за време на викендот, кога и температурите ќе бидат најниски и наутро понекаде, особено во Беровскиот регион ќе се спуштат и за неколку степени под нулата, а на другите места тие ќе се спуштаат некаде до околу, па и под 5 степени, а само во југоисточните предели тие ќе останат највисоки и ќе бидат до околу 10 степени.
Максималните дневни температури пак најниски ќе бидат како што кажав за време на викендот, кога ќе се спуштаат во интервалот помеѓу 14 и 20 степени.
Во Скопскиот регион исто така од утре (четврток) па во деновите потоа ќе имаме зголемена облачност и значително посвежо време, а не се исклучува можноста и за повремен локален слаб дожд. Што се однесува до температурите, тие наутро ќе се спуштаат во интервалот помеѓу 6 и 9 степени, додека максималната температура ќе се искачува во интервалот помеѓу 20 и 22 степени.
Да напоменам дека оваа промена на времето ќе биде проследена и со слаб до умерен ветер од југоисточен правец, и истиот локално ќе засилува на интензитет, стои во најновата метео анализа од метеопрогнозерот Славчо Попоски.