Собранието ги изгласа сетот закони за Бехтел и Енка. По скратена постапка, со европско знаменце, пратениците од владејачкото мнозинство без да го видат Договорот со американско-турскиот конзорциум, гласаа за законите за работни односи, експропријација, урбанистичко планирање, градење, и специјалниот закон за Бехтел и Енка, објави Алфа.
Носењето на овие закони го одбележаа тензични расправи на Комисијата за европски прашања и меѓусебни обвинувања на седниците . Ниту предупредувањата на опозицијата, ниту алармот од меѓународниот фактор дека европското знаменце се злоупотребува за закони кои немаат врска со европското законодавство, не вродија со плод, владејачкото мнозинство да ги повлече спорните законски решенија.
Според ВМРО-ДПМНЕ која гласаше против законските измени, треба да остане забележано и нотирано во историјата дека најголемиот проект на оваа Влада „е покриен со основни сомненија за злоупотреба и можен криминал.
„Полека, полека стигнавте до крајот на оваа фарса, а по ова се ќе биде различно. Заврши транспарентноста на оваа Влада. Ги пониживте пратениците ја злоупотребивте ЕУ со европското знаменце, го навредивте евроамбасадорот Дејвид Гир, го деградиравте и пониживте Уставниот суд, го сокривте договорот и од Антикорупциската комисија. ВМРО-ДПМНЕ ќе гласа против законите за коридорите бидејќи целиот проек е покриен со сомнеж за криминал и злоупотреба“, рече Мицевски.