На десеттина дена пред крајот на школската година учениците од петто одделение добиваат учебник по македонски јазик

Дел од учениците од петто одделение денеска, 29 мај, ги добија учебниците по Македонски јазик за учебната 2022/2023 година. Тие имаат уште 12 работни дена во училиште да учат од новите учебници, откако цела учебна година ја поминаа без соодветни материјали, објави РЕПУБЛИКА.

-Ќерка ми е петто одделение во училиште во општина Центар. Денеска си дојде дома со учебник по Македонски јазик, книга која ја чекавме од 1 септември. Откако цела година им диктираа, им принтаам печатевме и дома материјали, конечно, во период кога броиме денови до крај на школска година, учебниците стигнаа кај децата. Заминуваат на екскурзија пет дена, така што ќе имаат учебници последната недела од учебната година. Зошто воопшто за една недела трошеа пари да ги испечатат. Да се брои дека имало учебници?! Нека ги зачуваат за следната година -коментира мајка на ученик од петто одделение.

Дел од училиштата се уште ги немаат добиено учениците. Им било најавено дека до понеделник следната недела ќе бидат дистрибуирани во сите училишта. Се прашуваат дали воопшто треба да ги земат учениците учебниците или да ја истераат годината без книги до самиот крај.

Пред еден месец, по седум месеци и 20 дена по почетокот на учебната година првачињата ги добија учебниците по Општество. Учебник од 36 страници, на кој се потпишани пет автори им беше поделен на учениците на 20 април, откако најголем дел од содржината ја имаа обработено на часовите во текот на учебната година, со помош на материјали испринтани од наставниците.

На 18 ноември Министерството за образование и наука информираше дека во текот започнала испораката на новите учебници за прво, второ, четврто и петто одделение во основното образование, но учебнивите на училишните клупи пристигнаа непосредно пред крајот на учебната година.

извор: РЕПУБЛИКА