Од моментот на доставување на иницијативата за уставни измени во Собранието до нивното усвојување минимално се потребни 4,5 месеци, рече на денешниот брифинг со новинарите претседателот на Собранието Талат Џафери.
Веднаш штом Владата ја потпише Предлог – иницијативата за уставни измени кои ги состави Работната група, таа треба да биде доставена во Собранието. Во рок од 30 дена по доставувањето, Иницијативата треба да биде разгледана во законодавниот дом. Потоа, во следните десет дена за неа ќе расправа Комисијата за уставни измени, а подоцна следува и расправа на пленарна седница на која претресот може да трае исто така најмногу десет работни дена.
Одлуката за пристапување кон измена на Уставот, Собранието ја донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници, во случајот со 80.
Џафери додава дека доколку нема две третини на првото гласање за Иницијативата за измени на Уставот, процедурата ќе прекине.
Но ниту со деловникот, ниту со други закони не е утврдено дали треба да помине време до поднесување на друга иницијатива. Доколку не се гласа во сегашниот парламентарен состав, тогаш новоизбраното Собрание ќе може да гласа за иницијативата за измени на Преамбулата на Уставот.
За тоа дали ова би било сценарио за избори, тој вели дека нема пречки доколку има 61 глас за распуштање на Парламентот.
Доколку пак се усвои Иницијативата за уставни измени, Собранието со заклучок утврдува рок во кој подносителот на предлогот за пристапување кон измена на Уставот изготвува текст на нацртот на амандманите на Уставот. Рок за ова нема, но претседателот Џафери очекува тоа да заврши за 10 до 15 дена.
Нацртот на амандманите Собранието го става на јавна дискусија, која се очекува да заврши за најмногу 15 дена.
Евентуално, според предвиденото во деловникот, може да се намали времето предвидено за пленарна седница, комисиски расправи и јавна дебата, но само во случај ако нема доволно пријавени за збор.
Текстот во целост на: slobodnaevropa.mk