Пратеникот Бране Петуршевски на денешната прес-конференција упати прашање до министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски дали тој лично издал наредба ОТА да набави систем за следење на комуникациите на сите граѓани на Македонија и тоа во чувствителен момент кога власта се обидува да истурка уставни измени за кои нема поддршка.
Тој информира дека постојат сомнежи дека ОТА – Агенцијата која е надлежна да спроведува следење на комуникациите, набавила средства, со кои им се загрозуваат елементарните човекови права на граѓаните.
Приватноста на граѓаните е загрозена. Доведена е во прашање кредибилноста на институцијата. Затоа Собранието кое е надлежно за надзор, поточно Комисијата за надзор над спроведување на мерките за следење на комуникациите, заседаваше и на својата 15-та седница, одржана во пет продолженија, разгледувајќи Информација за работењето на Оперативно техничката – агенција утврдивме сомнение дека ОТА го прекршила членот 2 од Законот за следење на комуникациите, односно дека извршила незаконска набавка на средства кои може да бидат злоупотребени, а набавката е без соодветно Одобрение предвидено во ставот 2 на овој член. Комисијата едногласно со поддршка од сите пратеници, без разлика на политичката партија, донесе заклучок за оваа сомневање да го известиме Јавниот обвинител на Република Македонија. И истиот го известивме.
Очекуваме ЈО да постапи согласно закон. А земајќи го во предвид случајот, и штета која што може да настане доколку не се интервенира навремено, апелираме што побргу да биде отворена истрага.
Интервенцијата треба да биде експресна имајќи го предвид моментот во кој е настанат проблемот, кој се поклопува со периодот кога власта се обидува да турка уставни измени за кои нема поддршка, рече Петрушевски на денешната прес-конференција.
извор: ВМРО ДПМНЕ