Весна Јаневска, претседател на Комисија за образование и наука на ВМРО-ДПМНЕ остро реагира на покачувањето на цената за приговори на матурантите која е зголемена за илјада денари и тоа во време на економска криза и инфлацијата која во државата изнесува 14 отсто.
Министре Шаќири, Државен испитен центар, на инфлација од 14 отсто во земјата вие сте ја покачиле цената за приговори на матурантите од 1,500 денари на 2.500 денари. Не мислите дека сте претерале?, прашува Јаневска во статус објавен на фејсбук.
Со оглед на тоа дека матуранти се жалат и за грешки во пресметување на перцентилите и имаат право на увид на резултатите, би било човечки да помислите на висината на надоместокот. Два предмети по 2.500 денари се 5.000 денари, повеќе од една четвртина од минималната плата. Разумно ли е ова?
Министре, наместо да се грижите за учебници, ученички стандард, подобри наставни програми и услови за стекнување компетенции вие дозволувате цели семејства да страдаат и буквално да гладуваат за нивните деца да остварат право на увид?
ДИЦ неспособноста да спроведете матура по правила и можните грешки во прегледувањето сега најсебично и неразумно ги наплаќате од децата. Морално ли е тоа? пишува Јаневска на Фејсбук.
извор: ФБ Весна Јаневска