Премиерот вели ќе има уставни измени, а лидерот на опозицијата враќа – да одиме на избори

Владејачкото мнозинство, и покрај противењето на опозицијата, не се повлекува од иницијативата за уставни измени. Идејата е тие да влезат во собраниска процедура што е можно побрзо. Премиерот денеска најави дека тоа ќе се случи пред крајот на месецот, објави mk.voanews.com.

„Уставните измени ќе бидат поднесени во Собранието во текот на наредните две недели и ќе отпочне процес на дискусија согласно со процедура за истите во Собранието, таму каде што ѝ е местото“, рече премиерот Димитар Ковачевски.

Што ако процесот доживее неуспех поради очигледното немање двотретинска поддршка во Собранието? Дали тоа значи дека наесен ќе се оди на предвремени избори – опција за која се разговара во некои политичките кругови:

„Во земјава наесен нема да имаме избори. Изборите ќе бидат идната година, претседателски, па парламентарни. Процесот на уставни измени не е поврзан со мандат на Влада, тој е поврзан со европската интеграција на државата и обврска на секоја политичка партија е да ги поддржи европските интеграции. Кога ќе бидат разгледани амандманите на Уставот од страна на Владата, тие ќе бидат јавно соопштени и јавно објавени и тогаш сите граѓани ќе можат да се уверат дека се работи за технички аманмани со коишто нешто што веќе е факт во Уставот, според кажувањето на најголемите експерти во државата, ќе биде дополнително внесено во Уставот во делови на други народи коишто живеат во државата“, вели премиерот Ковачевски.

Исто како и премиерот, и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, манифестира сигурност, дека ќе опстои на својата позиција, иако ДУИ, преку шефот на дипломатијата, Бујар Османи, го предупреди дека „ќе се разбуди од сон кога на телевизија ќе види како поминуваат уставните измени“.

„Смислата за хумор на Бујар Османи никогаш не му бил добра карактерна особина и често пати неговите метафори и лошиот хумор не се добро разбрани ниту од мене ниту од јавноста, бидејќи не знаеме што сака да каже. Ако како медицинско лице е загрижен за мојот сон, тие што ме познаваат знаат дека бргу и малку спијам. Рано се будам и долго работам во текот на денот. А ако како политичар се обидува да употреби метафора, тогаш мислам дека му е погрешна. Сме кажале во минатото многу пати дека ВМРО-ДПМНЕ не прифаќа диктати како бугарскиот и ако се реферира на уставни измени, такви нема да има. Нека се охрабри да одиме на предвремени избори, па потоа може да размислуваме за други работи“, истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Тврди дека ВМРО-ДПМНЕ не е влезена во задкулисни договори со никого и дека на маса е само една опција – предвремени парламентарни избори, опција која пак, не е прифатлива за СДСМ.

Оттука, јасно е дека разликите меѓу двете страни остануваат огромни и во такви услови уставните измени ќе влезат во собраниска процедура за која власта, без да го аргументира оптимизмот, најавува дека ќе заврши со успех.

извор: mk.voanews.com