Жителите од Слупчане со уцени кон ЕВН: Сметки ќе плаќаме ако бидат помали од 3.000 денари

Простување на сите досегашни долгови за струја кои изнесуваат по неколку илјади евра, бесплатни нови приклучоци, без разлика колку ќе потрошат во иднина да не им се фактурира повеќе од 3000 денари, верските објекти да бидат ослободени од плаќање… Ова се дел од барањата кои ги поднесоа жителите на Слупчане, и за кои велат дека ако не им се исполнат – нема да дозволат екипи на ЕВН да влезат во селото, објави Република . 

Во кумановското село Слупчане е потворно тензично откако жителите не дозволија екипите на ЕВН да пристапат до трафостаницата, иако претходно ветија дека нема да ја попречуваат работата.

Мештаните доставиле официјално барање до ЕВН, со кое инсистираат да им се простат сите досегашни долгови кои изнесуваат по неколку илјади евра, да добијат бесплатни нови приклучоци, без разлика колку ќе потрошат во иднина да не им се фактурира повеќе од 3000 денари, верските објекти да бидат ослободени од плаќање за електрична енергија и слични други барања кои се спротивни на законските регулативи.

– Екипите на Електродистрибуција се соочуваат со вербални и физички напади од жителите, како и целосни блокади за влез во селото. Сѐ додека не се создадат нормални услови за работа, екипите нема да работат на отстранување на дефекти или пак да реализираат редовни работни активности во тој регион – велат од ЕВН за Плусинфо.

Веќе неколку недели без прекин трае отпорот на слупчанци, кои при обид сами да ја вклучат струјата на селото, на 5 јули предизвикаа сериозен дефект кој ги остави и околните села без снабдување со електрична енергија.

Дефектот беше саниран утредента од страна на ЕВН, по добиени ветувања од мештаните дека ќе дозволат да се работи, а на разговор со нив беа министерот за економија, Крешник Бектеши и градоначалникот на Липково, Еркан Арифи.

„Кумановското село Слупчане и околните села Оризари, Ваксинце, Алешевце, Руница, Извор и Белановце сѐ уште се соочуваат со прекин во снабдувањето поради сериозен дефект“, потврдија од „Електродистрибуција“ за Макфакс.

Од снимките на медиумите се гледа како топлото време не ги спречува жителите на Слупчане да останат на улицата и да блокираат разладувајќи се со лименки сокови. Полицијата, иако е присутна, не интеревира за да ги внесе екипите на ЕВН во селото и да им гарантира безбедност. За дефектот, од ЕВН велат дека е резултат на кражбите што е прават во Слупчане.

„Дефектот во снабдувањето на електричната енергија во селото Слупчане е резултат на контуинирано нелегално користење на електричната енергија. За жал, некои од липковските села се исто така опфатени со ова и се соочуваат со прекин во снабдувањето. Екипите на ‘Електродистрибуцијата’ при извршување на редовните работни активности или санација на дефект во ова село често се соочуваат со вербални и физички напади. Тоа се случуваше токму денес“, додава „Електродистрибуција“.

 

 

извор: Република