Врелото на Миљацка во Босна и Херцеговина, скриен бисер на природата

Врелото на реката Миљацка се наоѓа во близина на Сараево, Босна и Херцеговина, на само два километра од центарот на Пале, на надморска височина од 1.010 метри. Тоа е совршено место за одмор од динамичниот градски живот, пишува Анадолу.

Реката Миљацка е опеана во многу песни, опишана во делата на голем број писатели, тоа е река со најмногу мостови, исклучително атрактивна за фотографирање. Ретки се оние што знаат каде извира, а уште поретки оние што знаат дека настанува од две Миљацки, Паљанска и Мокрањска.

На околу 20 километри југоисточно од центарот на Сараево, во Горно Пале во подножјето на планината Јахорина, на надморска височина од 1.010 метри извира Паљанска Миљацка.

Таа, на околу 13 километри низводно, кај селото Довлиќи, се спојува со Мокрањска Миљацка и ја формира реката Миљацка која тече низ Сараево. Глетката на недопрената природа на извориштето за многу фотографи е извор на инспирација, додека многубројните посетители ги остава без здив.

Прекрасниот пејзаж и чистиот воздух се исклучителни, па не е чудно што ова врело од дамнини е привлечно за одмор.

Изворот на планинската река Миљацка е единствен, а коритото е обложено со травертин и мов. Слаповите, свежиот воздух и ладовината на зимзелената шума привлекуваат голем број посетители, особено во текот на топлите летни денови.

извор:Анадолу.

фото:Анадолу.