– Пукна насипот долж реката Мура во Словенија во близина на Долна Биштица поради што е наредена евакуација на жителите од неколку села, соопшти Управата за цивилна заштита и помош при катастрофи.
Командантот на Цивилната заштита, Среќко Шестан изјави дека се влошува ситуацијата бидејќи се зголемува дупката во насипот.
– Инженерските служби се обидуваат да ја затворат дупката, но не успеваат со машините со кои располагаат.
Се истражува можноста за фрлање бетонски блокови од хеликоптер, но тоа е отежнато поради временските прилики, посочи Шестан додавајќи оти ако се урне насипот ќе бидат поплавени десет села.
Мура моментално го има вториот највисок водостој забележан во историјата, 1. 350 кубни метри во секунда, а нивото на реката продолжува да расте во Австрија.
Според хидролозите нивото на реките во поголем дел од земјата постепено ќе се намалува освен во поплавените подрачја во долниот тек на Сава, Драва и Мура.
Не се исклучува можноста да расте нивото на помалите реки во западна и централна Словенија. Во делови од земјата постои опасност од лизгање на земјиштето.
Поради уништената инфраструктура поединечни делови од Словенија и понатаму се без електрана енергија, поради што еден од главните приоритети е снабдување на населението со агрегати.
Според метеоролозите попладне се очекуваат обилен дожд, град и силен ветер. Речиси две третини од територијата на Словенија е под вода, а засега штетите се проценуваат на 500. 000 евра.
Словенечкиот премиер Роберт Голоб вчера изјави дека Словенија се соочила со најтешката природна катастрофа во својата понова историја и дека предизвиканата штета е незамислива и „веројатно повеќе од половина милијарда евра“.
И покрај поплавите не е загрозена нуклеарната безбедност на нуклеарната централа Кршко. ми/фото: Твитер .
Извор: МИА