Филип Стефаноски, е сопственик и генерален директор на DMC Balkans Travel & Events, македонски рецептивен тур оператор кој работи во Македонија, Балкан и централно-источна Европа.
Филип Стефаноски својата кариера во секторот туризам ја започнал пред повеќе од 13 години, а денес се смета за лидер и креатор на туристичките трендови во Македонија и регионот. Годишно неговиата компанија носи над 20.000 странски гости пред кризата со пандемијата, но како што и самиот вели, нема откажување продолжуваме до посакуваната бројка од 50.000 гости во Македонија и Балканот, и над 500.000 ноќевања, оваа криза само ќе ги охрабри и мотивира да работат уште поквалитетно, помотивирано, во чекор со светските туристички трендови на развој и напредок.
Филип е активно вклучен во туризмот како на национално така и на меѓународна сцена. Активно учествува во бројни организации и здруженија за развој и промоција на туризмот во Македонија.
Долгогодишниот личен труд и работа, но и на тимот на DMC Balkans Travel & Events потврден е и од светската туристичка асоцијација со три награди за најдобар рецептивен тур оператор во Македонија за 2018, 2019 и 2020 година.
News1.mk: Безмалку 10 месеци туризмот е во целосен застој на глобално ниво. Вашата агенција е насочена кон пазарите на далчениот исток кои први ги погоди кризата со Ковид 19. Колкави штети предизвика глобалната пандемија за Вас и како ја пребродивте оваа криза ?
Стефаноски: „Глобалната пандемија скоро го парализира туризмот на глобално ниво и кога ќе ги пресметаме штетите од како календарски ќе заврши годината, 2020 ќе биде година која нанела најголема штета на туризмот уште од неговата појава. Сигурен сум дека 2020 нанесе поглеми штети на туризмот од било кој дург период во историјата, па дури повеќе штета и од „Втората светска војна“ од причина што во тој период туризмот не бил развиен како што беше на почетокот на 2020 година. Штетите се во стотици милјарди долари глобално, во Македонија штетата или загубата од неработењето во најмала мера ќе е над 300 милиони евра, а нашата агенција исто така е оштетена во голема мера бидејќи работевме ефективно до 9 март, а од тогаш до денес работиме некој помали ангажмани, пред се во Албанија каде во текот на летото , а и сега нудиме сместување во неколку хотели, но тоа неможе ни од далеку да ги замени ангажманите кои ги имавме како инкаминг оператор кој работеше на пазарите на Малезија, Индонезија, Сингапур и Хонг Конг.
News1.mk: Како се адаптиравте на кризата ? Ве затекна ли неподготвени како оператор почетокот на кризата во Македонија, затворањата, карантините ?
Стефаноски: Уште во февруари стана јасно дека кризата нема да запре во Кина и дека ќе почне да се шири глобално. Во март таа стигна во Италија, а јас бев на конгрес организиран од Узракота“ во Белград како говорник, кога Ломбардија веќе беше ставена во карантин и кога се појави првиот случај на Ковид 19 во Дебар. За појавата на Ковид 19 во Македонија бев информиран од мојот ПР само еден час пред моето обраќање на меѓународниот конгрес. Ми стана јасно што ќе се случува и го сменив целиот концепт и содржината на обраќањето. Стана јасно дека Европа влегува во голема неизвесност и проблеми, а тоа го почувствував и јас. Веќе следниот ден добив информации дека се подготвува затварање на земјата. Добро паметам дека веднаш тргнавме за Македонија, а истовремено во Скопје беа пристигнати групи од Малезија и Индонезија кои чекаа да ја почнат турата низ Балканот. По пат додека се враќавме го организирав нивното враќање назад кон аеродромот во Истанбул и потоа за нивните држави. Тоа беше еден ужасно лош ден во кој мораше да организира итно враќање на повеќе големи групи туристи кои туку што пристигнаа во Скопје. Најпрво ги сместивме луѓето во хотели во Скопје, потоа го организиравме транспортот за Малезија и Индонезија. Тоа беа тешки одлуки, кои ни предизвикаа огромни трошоци, но се покажаа како единствено исправни бидејќи немаше друг избор освен да ги вратиме туристите назад на другиот крај на светот во нивните домови. Од денешна гледна точка тоа беше едно големо искуство за нас бидејќи и во тоа успеавме, безбедно и без проблеми да ги вратиме туристите и да ја превземеме одговорноста. По ова целосно престанавме да работиме и опстојувавме од државна помош до моментот кога се отворија границите со Албанија за каде први понудивме патувања и летни одмори и остваривме каков таков успех на овој пазар.
News1.mk: Каква е состојбата денес ? Се подготвувате ли за враќање во бизнисот ?
Стефаноски: ДМЦ Балканс е подготвен за враќање во бизнисот уште кога на 9ти март ги вративме туристите назад. Одржуваме редовни контакти со нашите партнери во Малезија, Индонезија , Сингапур, Хонг Конг и Европа. Учествуваме на онлајн саеми во овие земји и вршиме постојано презентации на нашите производи, а од јануари имаме закажано он лајн учество на неколку европски саеми. Не планирам да се откажам од тоа што сум го градел со години и овој начин на комуникација или ајде да ја наречам онлајн борба за опстанок ќе ја водам додека не се отвори и нормализира светот. А кога тоа ќе се случи ДМЦ Балканс е подготвен веднаш да продолжи таму каде застана и да ги прошири пазарите во Азија и Европа и услугите на Балканот. Целосно сме подготвени утре да стартуваме ако се отвори светот.
News1.mk : Што очекувате во 2021 ? Дали светот ќе се стабилизира или кризата ќе се продлабочи ?
Стефаноски: Редовно ги следам информациите за состојбата со пандемијата, како и политичките процеси кои се одвиваат глобално. Мене повеќе ме интересираат приликите политички и економски на глобално ниво бидејќи јас работам во странски држави низ светот. Не сум политичар и незнам дали светот ќе се стабилизира во 2021 година. Не сум поклоник на теориите на заговори дека живееме во „Трета Светска Војна“ но можеби и грешам, можеби во тоа и живееме. Тоа ќе го покаже иднината за која се надевам дека ќе е подобра. Останува надежта дека со вакцинацијата на населението во светот, пандемијата во 2021 ќе запре и ќе се врати светот во нормала, а со тоа ќе се вратат и работните ангажмани како во туризмот, така и во целото стопанство кое е десеткувано од оваа криза и функционира со големи потешкотии.
News1.mk : Како ја оценувате туристичката сезона во Охрид годинава ? Градот беше преполн со домашни туристи, но Охриѓани како да се незадоволни од гостите ?
Стефаноски: Нема простор да сме незадоволни. Мислам дека како град треба да сме свесни дека немавме друг избор. Но ако анализираме подлабоко, незадоволството од квалитетот на туристите кои дојдоа летово во Охрид покажува дека целиот сектор од сместувањето до угостителството многу се променил и последните десетина години ајде да речам „ се навикнал“ на поквалитетни туристи, на туристи од странство кои доаѓаа во Охрид. Добро е што имавме скоро една деценија напредок , за кој се надевам дека ќе направиме се да го вратиме и што не сме задоволни ако градот се наполни со домашни туристи, пред се средношколци или млади луѓе кои го правеа по Охрид тоа што го правеа, но мора да сме свесни дека заради приликите во кои сме и тоа е добро. Сепак ако се пресмета колку пари влегоа во Охрид преку ваучерите, во хотелите, приватното сместување, па потоа колку се трошело надвор од тоа, и ако се пресмета штетата која низ градот ја правеа тие млади луѓе со кршење на клупи и канти за отпад или прекривање со смет на целито центар на Охрид, сепак градот е на добивка. Во оваа хаварија на туризмот сепак имавме исполнети капацитети, град полн со ѓубре и млади туристи кои се качуваа да играат на кровови од куќите. Не е тоа што сакаме да е, но е доволно, ако се има предвид дека можеше да биде и полошо. Треба да извлечеме поука дека мора да се надградуваме во услугите, да нудиме тоа што поквалитетните гости бараат, за да не се случи во иднина кога светот ќе се нормализира и ќе се создадат пазарни услови на работа ние да се вратиме во состојбата во која бевме ова лето. А не е невозможно да ни се слули тоа ако не инвестираме во нашиот развој.
News1.mk : Што ќе им порачате на нашите читатели за крај на интервјуто и за почеток на 2021 година ?
Стефаноски: Ќе им посакам добро здравје и ќе им препорачам да го чуваат своето здравје, да останат во добро расположение и со позитивни мисли и да се надеваме дека ќе почнеме нормално да живееме и работиме во 2021 година. На сите им ја честитам 2021 година и секое добро.