DW: Меѓу два пописи илјадници млади се иселиле од земјата

0
203

Бројот на младо население во Северна Македонија од 2002 година е во опаѓање. Проценките се дека над 77.000 млади лица кои се родени во државата, заминале во странство последните години. Тоа е речиси колку што има население во Битола (74.550) – вториот по големина град во земјата.

Меѓу два пописи од 2002 до 2021 година анализите покажуваат дека бројот на младите се намалил за шест проценти. Ова се наведува и во најновите анализи „Младите и пописот на населението“ и „Финансирање на младинските политики“ кои беа промовирани во рамки на конференцијата „Младински состојби и финансирање на младинските политики во Северна Македонија”, организирана од Фондацијата за демократија на Вестминстер (ВФД).

Во анализите се посочува дека земјата има сериозен проблем со младинската емиграција, задржување на младото население во државата и општото стареење на населението. Според пописот во 2002 година процентот на млади од вкупниот број на население е 24 проценти, додека во 2021 година е 18% – што претставува пад од 6 проценти. Во 2002 година државата имала 480.848 млади, додека во 2021 година има 326.733 млади лица.
Тренд на иселување
Најголем тренд на иселување на младите има во општините Аеродром, Маврово и Ростуше, додека пораст од 2 проценти има само во Липково.

„За жал, младите ја напуштаат државата. Скоро 18 години не го знаевме тоа или го гледавме, а не сакавме да го видиме. Денеска ја имаме таа слика. Треба да искреираме политики и да ги спроведеме за да го сопреме овој процес на иселување на младите луѓе, да се создадат услови да сакаат да останат, тука бидејќи никој не можете да го обврзете да остане“, вели директорот на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски. Според него, треба да се креираат политики со кои ќе се задржат младите во земјава.

Податоците меѓу двата пописи покажуваат дека населението се намалило за над 200 илјади. „Ако се земат бројот на родени и бројот на починати лица во тие 20 години ќе видиме дека таму сепак имавме позитивен прираст и требаше да имаме поголем раст на населението. Ако ги земеме годишните податоци за децата родени во странство рапидно расте овој податок, а се намалува во земјата. Тоа покажува дека се иселуваат младите луѓе“, вели Симовски.

Зошто заминуваат младите?
„Кога ги прашуваме младите зошто заминуваат од државата, вработеноста и образованието се клучните две причини, меѓутоа и општата клима во однос на тоа како функционира самата држава влијае врз мотивот еден млад човек да ја напушти на самата држава“, вели Петар Барлаковски, директор на МОФ и автор на истражувањето „Млади и попис“.

Законот за младинско учество донесен пред речиси три години предвидува дека 0,3 отсто од државниот Буџет и 0,1 отсто од буџетите на локалните самоуправи ќе одат кон политики за млади, но тие бројки не се остваруваат.

Дона Костуранова, директорка на Фондацијата за демократија на Вестминстер во земјата, укажува дека не се одвојуваат доволно средства за да се поддржат младинските политики. Покрај квалитетна работа, за да останат во земјата за младите се клучни и квалитетното образование, инфраструктурата, подобрувањето на грижата за животната средина, спортот, рекреацијата….

„Неопходно е да инвестираме во тоа младите да ја гледаат својата иднина во земјата и да подготвиме планови како да се справиме со намалувањето на младото население на долг рок. Ако сакаме да ги задржиме младите во земјава, да им понудиме иднина, да им понудиме можности мора да се инвестира во политики за млади и подобрување на нивниот квалитет на живот, нивното секојдневие, темите кои ги засегаат“, вели Костуранова.

 

DW