За добро здравје се доволни и 4.000 чекори дневно

Вежбањето е добро за здравјето – тоа е добро познат факт. Не само трчањето, туку и едноставното шетање обезбедува подобра циркулација на крвта, го тренира метаболизмот, го зајакнува имунолошкиот систем и спречува хронични болести. Ако некогаш се броеја калории, денес се бројат чекори, поточно – 10.000 чекори дневно. Секој што прави толку чекори дневно – во зависност од должината на чекорот, околу шест до осум километри пеш – останува во добра физичка кондиција и здрав – се повторува постојано.

Мета-анализа ја побива теоријата за 10.000 чекори

Веќе долго време постојат научни сомнежи за оваа наводна магична бројка. Нова мета-анализа објавена во „Европскиот журнал за превентивна кардиологија“ сега покажува дека и нешто помалку од 4.000 чекори дневно се доволни за да се намали ризикот од рана смрт. Дури и 2.300 чекори дневно биле поврзани со помал ризик од смрт од кардиоваскуларни болести.

Научниците извлекуваат заклучоци врз основа на вкупно 17 студии, односно од податоците на речиси 227.000 луѓе од различни региони во светот. Тие откриле дека секојдневното пешачење е тесно поврзано со подобри шанси за подолг, поздрав живот – без разлика на возраста, полот или местото на живеење. Во суштина, колку повеќе се пешачи, толку подобро. Правењето дополнителни 1.000 чекори дневно е поврзано со 15 отсто намален ризик од прерана смрт од која било причина, покажува анализата. Зголемувањето на дневниот број на чекори за 500 е поврзано со 7 отсто помал ризик од фатални срцеви заболувања.

 

 

DW