Германската влада го одобри предлог законот за делумна легализација на одгледувањето и консумирањето канабис. Предлогот на министерот за здравство Карл Лаутербах, меѓу другото, предвидува дека поседувањето на 25 грама канабис за возрасни приватни лица треба да се изземе од казнување. Покрај тоа, приватни лица можат сами да одгледуваат канабис, но најмногу три растенија.
Во нови здруженија, кои бројат до 500 членови, би требало да смее да се одгледува канабис за лична употреба. Притоа, ограничувањето за членовите треба да биде 25 грама дневно и 50 грама месечно. Сепак, покраините сами треба да одлучуваат дали ќе дозволат такви групи за одгледување канабис. Министерот за транспорт, Фолкер Висинг, сака да постави горни граници за консумирање на опојното средство додека се вози.
Остри критики од опозицијата
По одлуката на владата, законот треба да помине и во Бундестагот и Бундесратот. Во претставништвото на покраините, меѓутоа, според наводи на Министерството за здравство, не мора да се гласа за законот. Министерството очекува тој да стапи на сила до крајот на годинава.
Околу предлог законот се водат големи дебати. Помеѓу владејачките партии и опозициската Унија (ЦДУ/ЦСУ), како и некои покраини предводени од Унијата, се полемизира околу тоа дали делумната легализација поттикнува консумација на канабис или самовго „извлекува од илегала“ консумирањето. Освен тоа, контроверзно е прашањето околу тоа дали има доволно превенција од ризикот од зависност, како и проблемот со можно дополнително оптоварување на судството.
ЦДУ стравува од „целосно губење на контролата“
Во пресрет на одлуката на владата, министерот за внатрешни работи на покраината Саксонија, Армин Шустер од ЦДУ, во изјава за медиумската мрежа РНД преудпреди од опасноста од „целосно губење на контролата“ што може да го предизвика планираниот закон. Во своите критики, демохристијаните првенствено укажуваат на поголем ризик за малолетниците и можно преоптоварување на судството и властите.
Во изминатите неколку недели политичарите на ЦДУ постојано предупредуваа на негативните ефекти – иако ограничени – од легализацијата на канабисот, со кои младите, како што вели заменик-шефицата на пратеничката група на Унијата, Доротее Бер, не се предупредуваат од консумирање дрога, туку се запознаваат со неа. За утринската програма на АРД и ЗДФ предупредување испрати и експертката на ЦДУ за здравствена политика, Зимоне Борхарт, која смета дека често се минимизираат опасностите од „почетната дрога“ канабис. Таа предупреди од штети по здравјето, особено за младите луѓе, бидејќи човечкиот мозок е целосно развиен дури на 25-годишна возраст.
DW