Ниту еден македонски универзитет и годинава не се најде меѓу најдобрите 1.000 високообразовни институции во најновата Шангајска листа, на која се дава пресек за најдобрите универзитети во светот.
Од универзитетите во регионот, Универзитетот во Белград се наоѓа од 301-400 место, Универзитетот во Нови Сад се најде помеѓу 901-1000 место, а Универзитетот во Загреб се е на 401-500 место на светската ранг листа. Меѓу најдобрите универзитети, нема ниту високообразовни институции од Бугарија и Албанија. Трите врвни позиции ги држат универзитети од САД. Универзитетот Харвард веќе две децении е на врвот на листата. Веднаш зад него е Универзитетот Стенфорд, а на третата позиција е Институтот за технологија Масачусетс (МИТ).
„Имајќи ја предвид целокупната ситуација во високото-образование во нашата држава, воопшто не ме зачудува фактот дека нашите универзитети се слабо или воопшто рангирани на последната Шангајска листа“, вели за ДВ, Веланд Рамадани, професор на Факултетот за бизнис и економија на Универзитет на Југоисточна Европа во Тетово. Професорот Рамадани веќе неколку години е високо рангиран на листата на Универзитетот на Стенфорд, меѓу 2% највлијателни научници во светот,според бројот на цитирања на авторски објавени трудови.
Нема анализа и критериуми
Вели дека имајќи предвид дека во државата издвојувањата од Бруто домашниот производ за наука се на незначително ниво од помалку 0,3 проценти, кога беспотребно се дисперзира високото образование и се отвораат универзитети, јавни и приватни, без соодветна анализа и критериуми, кога се примаат и унапредуваат кадри во повисоки звања без исполнување на минимум критериуми (кои се и така минимални во самиот Закон за образование), оваа состојба е очекувана.
„Сметам дека крајно време е државата посериозно да се фокусира во подигнување на квалитетот на високото образование преку зголемување на финансиската поддршка, строги контроли и анализи при одлучувањето за отворање на нови универзитети и факултети“ , вели професорот Рамадани и додава: „А, зошто да не и затворање на некои непотребни и неквалитетни образовни институции, и зацврстување на критериумите за именување и унапредување на кадрите во високото образование“.
Негрижа
Негрижата на државата за квалитетот на образованието генерално, невложувањето средства за ангажирање подмладок и техничка опременост на универзитетите, изминатите години вродија со драстично намалување на квалитетот на високото образование што се покажа и во рангирањето на македонските универзитети во светски рамки, смета професорката на Правниот факултет, Ана Павловска Данева.
DW