Ако сме искрени, во време на работење од дома и од далеку, облека со ластик често е адут. Но, за затворање на шатори и ранци, навлаки од перници и душеци, а и кога се движиме надвор, одвреме-навреме и натаму го употребуваме патентот.
Откривањето на лежерната салонска мода не е првиот предизвик со кој требаше да се соочи патентот. Тој го преживеа и враќањето на модата на копчиња кај фармерките и милионите испади на бес – конечно, има ли човек што не пцуел гласно кога тенко парче ткаенина ќе се најде меѓу запчениците на патентот и ќе го блокира, без можност да се мрдне горе, или долу?
Прво корозија, потоа незаинтересираност
И покрај сите неволји, патентот успева да го одбрани својот неофицијален статус на ултимативна потреба во модата, а тоа, кога е во прашање свет полн со иновации и опсесија за оптимизација, кажува многу и 130 години по регистрацијата на патентот за патентот. Уште во 1850-тите имаше први вакви обиди, но креациите ‘рѓосуваа, се отвораа ненамерно, беа незгодни за употреба и прескапи.
Американскиот трговски патник Виткомб Џадсон успева дополнително да го развие изумот во 1890 година и на 29 август 1893 да го заштити со патент. Набргу потоа го претставува на Светскиот саем во Чикаго наменет како замена за долгите врвци на чизмите. За жал, не биле сите како Џадсон на ставот дека врзувањето чевли е здодевно, па изумот не наишол на голема заинтересираност.
Американската војска станува купувач на големо
Дури десет години подоцна Џадсон и еден партнер се осмелуваат повторно да се обидат да го наметнат патентот, но со подобрена технологија. Историчарите фактот дека на патентот му требало толку време, го припишуваат на тоа дека самиот Џадсон покажувал поголем интерес за развојот на други пронајдоци, па привремено ја оставил идејата со патентот кој не се продавал добро.
Други, и во Европа, продолжиле да работат на неговата идеја и ја оптимирале. Кога механизмот конечно стасува до сериско производство, американската војска е еден од првите клиенти за време на Првата светска војна. Патентот се користел за чизмите на морнарицата и за водоотпорната облека.
Подоцна за патентот се користеа и други материјали како најлон и пластика, па се измисли и патент кој се отвора од двата краја, но принципот до денес остана исти – две флексибилни ленти ткаенина се спојуваат преку ред метални или пластични запченици.
Не во меѓуножјето
Дури кон крајот на 1930-тите, пронајдокот конечно ја револуционираше модата и како и вообичаено првично беше резервиран за мажите, бидејќи во тоа време не беше прифатливо жените да носат облека што може брзо да се отвори. Сепак, тие на крајот најмногу профитираа, бидејќи патентот го направи излишно макотрпното врзување корсети и слично.
Долго време женската облека не смееше да се затвора во меѓуножјето, туку странично, за да не го навлекува вниманието на интимната зона. Во Германија до 1960-тите претежно мажите носеа патент на средина – сè додека не триумфираа фармерките и не беше укината родовата поделба, барем во тој поглед.
Ракувањето со патентот, од друга страна, кај некои производители сè уште се разликува според полот. Некои патенти на женска облека се затвораат на лева страна, додека машката облека вообичаено се затвора на десно.
Тоа е наследство од времето на копчињата, кои на женската облека беа на спротивната страна, затоа што богатите дами ги облекувале слугинки и оттаму од обратната страна.
Патенти на месечината
Кај унисекс облеката такви разлики веќе нема, но за кошули и костуми тоа и натаму е норма.
Патем, патентот за брзо време стана доста отпорен и кон крајот на 1950-тите американската вселенска агенција НАСА разви скафандери кои се затвораа со патенти и дизајнирани да го задржат вакуумот, па беа користени дури и при слетувањето на месечината во рамки на мисијата „Аполо 11“ во јули 1969 година.
Бунтовност и поп-арт
Секако, патентот си најде место и во поп-културата. Колку бунтовни би изгледале Марлон Брандо или Џејмс Дин без кожните јакни лежерно закопчани до половина?
Патентот предизвика контроверзи дури и во 1971 година, кога Ролинг Стоунс за легендарниот албум „Sticky Fingers”, го најмија Енди Ворхол за дизајнот на корицата од плочата. Првите принтови од неа денес вредат повеќе стотици евра. Иако немаше ништо навредливо, туку само патент зад кој стои маж во бели памучни гаќи, сепак пукна скандал. Диктаторот Франко дури ја забрани дистрибуцијата во Шпанија како „безобразна“.
Но, на 130-годишнината патентот главно непречено си постои ширум светот. Само јапонскиот производител YKK произведува околу 1,5 милијарди парчиња годишно, а кратенката е врежана на некои од нив.
Патентот ни е придружник во секојдневието кој се подразбира и кого ретко го цениме, а го забележуваме дури кога ќе се заглави. Се извинуваме за тоа. Среќен роденден, драг патенту!
DW