Куќа од 3Д- печатач, готова за 140 часа!

Слој по слој наместо тула врз тула. Зградата е готова за 140 часа – или барем работата на печатачот, вели Ханс Јерг Крауз, директор на групацијата „Крауз”, која е нарачател на објектот.
Во него ќе никне центар за калкулации, а се наоѓа во Хајделберг, на просторот на поранешното седиште на американската армија во Европа. Зградата е 53 метри долга, 11 метри широка и 9 метри висока – најголемата печатена зграда во Европа.

Пасија за 3Д-печатење
Крауз е фасциниран од 3Д-печатењето. Во 2020-та година испечатена е првата куќа во Германија и тоа во гратчето Бекум, во покраината Северна Рајна Вестфалија. Кога Крауз чул за тоа си помислил: „И јас сакам вакво нешто”. Желбата сега е остварена. Хотелот за сервери е третиот целосно одобрен 3Д објект во Германија. „Отсекогаш сум имал силно изразен нагон за експериментирање и токму тоа ми е моторот и за 3Д-зградите”, вели Крауз со восхит во очите.

Градилиштето било невообичаено – бучавата не ја правеле многу машини, туку еден единствен т.н. пренослив печатач, кој од едно црево испушта слој врз слој бетон налик на шлаг кој се шприца на торта. Ѕидовите се брановидни, одозгора изгледа како квадрат со кривини, што во конвенционалното градежништво не е изводливо.

Дали градбата со печатачи повеќе ја штити околината?
Друга предност е што употребениот специјален бетон е поврзан со многу помали количества на стакленички гас и може да се рециклира. Визијата на Крауз е „за неколку години зградата да ја урне, рециклира и со обновливи извори на енергија да може да печати нова зграда”, вели тој.

Роберт Јан од Техничкиот универзитет во Дрезден истражува на темата 3Д-печатење. И тој е одушевен, но не мисли дека употребениот бетон е толку поволен за климата, затоа што материјалот можеби доаѓа од многу далеку. Па така фирмата „Италцементи” има развиено цемент специјално за 3Д-печатар, кој пред сѐ мора добро да се пумпа и аплицира, односно и натаму не е стандарден материјал кој е достапен на многу места. „Може да дојде до подолги патишта на транспорт”, вели тој.

За градилиштето во Хајделберг пак материјалот доаѓа од Северна Рајна Вестфалија, каде фирмата „Хајделберг матиријалс” има изградено фабрика за бетонот за 3Д-печатачи.

Нови услови за градежните работници

Тука дополнително бил користен и стандарден бетон. Еден градежен работник паралелно со ѕидовите од роботот печатач ѕида класичен ѕид и меѓу двата потоа се излева нормален бетон – тоа во моментов го бараат прописите за статика. „Во иднина 3Д-ѕидовите треба да бидат доволно стабилни сами по себе, но техниката сѐ уште не толку напредната”, вели Крауз.

На градилиштето биле потребни само 3-4 работници како поддршка за роботот или надзор. Тоа е голема предност на 3Д-постапката и во поглед на недостигот на стручна работна сила. Професионалните барања во браншата исто така целосно ќе се променат, што јасно може да се види и на ова градилиште – од една страна работник со шпаклата, од друга – со лаптоп в рака.

Дали печатени објекти наскоро ќе бидат стандард?

Колку навистина брзо ќе се промени професијата, колку брзо нашите куќи стандардно ќе излегуваат од 3Д-печатач? Според Јан, за тоа ќе биде потребно уште време. Течниот бетон кој се притиска низ печатачот уште нема стандардна дозвола за употреба. За дозвола мора да се поднесе барање за секоја куќа поединечно.

Освен тоа, подвижните постројки кои се користат за 3Д-печатачите сѐ уште се поголеми отколку зградите кои треба да се направат, што е проблем кога има густо изградено градско подрачје каде треба да се затвори градежна дупка. „Генерално мислам дека 3Д печатениот бетон во иднина ќе се користи за објекти од престиж”, вели Јан.

Тоа е случајот во Хајделберг. Уште за време на печатењето на објектот тука имало масовен број посетители.

Крауз е заговорник на 3Д-печатењето. На прашањето што се негативните страни, тој вели: „Тоа што немаме искуство и не знаеме што сѐ може да се појави како предизвик во претстојните години. Но, и за тоа ќе има решенија. Од таа причина е многу важно да експериментираме со оваа постапка”, заклучува тој.

Животот секогаш носи ризик, вели Крауз. И ако секогаш сѐ правиме исто како и досега, само затоа што тоа ни е познато, животот би бил премногу здодевен.

 

 

DW