Движење „Подобро за Тетово“: Зошто Пендаровски молчи за пожарот во модуларната болница?

Движењето „Подобро за Тетово“ во отворено писмо до Претседателот Стево Пендаровски изрази разочараност од неговиот молк три недели по објавувањето на истражувањето на ИРЛ за пожарот во модуларната болница во Тетово. Документарниот филм „Убиство во Тетово“ беше објавен на 13 август, а Претседателот Пендаровски досега нема ниту едно соопштение за смртта на 14 наши сограѓани. Пендаровски се нема огласено ниту за откритијата на колегите од „Слободен печат“ и „Фокус“ за злоупотребата на лекови на Клиниката за онкологија. Додека целата јавност е длабоко вознемирена од евидентното потфрлање на правосудните институции во двата случаи, тој е во Охрид и се среќава со заслужни охриѓани, објави irl.mk.

Активистите велат дека се зачудени од Пендаровски кој немаше ниту едно соопштение за трагедијата во модуларната болница во Тетово во која загинаа 14 лица, а од друга страна многу брзо реагира за други помалку битни теми. Во писмото тие го потсетуваат Пендаровски дека во период од пет години (2016-2021 година) се случија четири големи трагедии со 97 жртви и нула денови затвор.

„Сите политичари зборуваат за интеграцијата во ЕУ, а не се почитува тоа што ни е најсвето – човечкиот живот! Не знаеме како може една земја, која не може да обезбеди правда за овие 97 невини жртви, може воопшто да почне преговори за припојување кон европските вредности и начела“, пишува во писмото.

„Подобро за Тетово“ во дописот додава дека судството и обвинителството се лицето на криминалот и корупцијата, заштитници на злото во овие 30 години, кои на генерации наши млади и наши сограѓани им ги фрлија во одвод и им ги уништија перспективите за достоинствен живот.

„Се соочуваме со диктатура на олигархијата спонзорирана од македонскиот правосуден систем. Тотална неодговорност и криминално владеење и во делот на извршната и во делот на судската власт“, пишуваат од движењето „Подобро за Тетово“.

Активистите велат дека очекуваат од Претседателот да бара институционална одговорност за казнување на злосторничкото здружување поради кое целиот правен систем во нашата земја се наоѓа во голем ќорсокак.

Документарниот филм „Убиство во Тетово“ беше објавен на 13 август, а Претседателот Пендаровски досега нема ниту едно соопштение за смртта на 14 наши сограѓани, ниту пак се огласи за последната истрага на Јавното обвинителство за криминал со лекови на Клиниката за онкологија. Тој на неговите социјални мрежи викендов споделува фотографии од крајбрежјето на Охрид каде е во посета на познати охриѓани во рамки на неговиот проект „Лице в лице“.

 

извор: irl.mk.