Третина од учебниците не се обезбедени, можна тужба за МОН за дискриминација

Од вкупно 126 учебници за сите задолжни и изборни предмети во деветгодишно основно образование, на почетокот од новата учебна година, Министерството за образование и наука (МОН) не обезбедило 43, односно недостигаат 34 отсто од вкупниот број учебници. По сите наставни предмети и на сите наставни јазици, учебници ќе имаат само учениците во прво и второ одделение, соопшти денеска Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД), врз основа на списокот со податоци што на нејзино барање бил доставен од МОН.

Комисијата во јуни годинава упати препорака до МОН да обезбеди учебници по сите наставни предмети и на сите наставни јазици најдоцна до 31 август и да достави писмен извештај.

Според извештајот што бил пратен од МОН, една третина од учебниците и годинава не се обезбедени. Како што изјави Весна Бендевска, член на КСЗД, утврдено е дека МОН не ја отстранило повредата на правото на еднаков пристап до квалитетно образование на поголема популација ученици од основното образование во зададениот рок (31 август), што било негова законска обврска.

На седница на Комисијата, Бендевска утре ќе извести за неисполнетата препорака и ќе се одлучува за евентуална судска тужба за случај од јавен интерес, односно за системска и продолжена дискриминација на учениците. Доколку тоа се случи, ова ќе биде првпат Комисијата да побара судска заштита како највисока форма на заштита од дискриминација.

„Кога една препорака не е спроведена, Комисијата има обврска да покрене прекршочна пријава против утврдениот дискриминатор. Но, во овој случај станува збор за дискриминација на многу голема популација. Во таков случај Комисијата, согласно законот, има право да поведе пред суд тужба од јавен интерес против државните институции кои не ја отстраниле дискриминацијата“, истакна Бендевска.

Според извештајот, по ниту еден задолжителен предмет, учебници ќе немаат учениците од шесто одделение, вкупно 10 наставни предмети за кои сѐ уште нема одобрување. Вкупно 20 учебници по странски јазици, како прв или втор предмет во сите девет одделенија, сѐ уште немаат одобрение за употреба од Педагошката служба и сите, во извештајот од МОН, имале статус „во напредна фаза на одобрување“.

 

 

 

RSE