Регионите Магнезија и Споради во Грција се соочуваat со лошо време кое предизвика голем број проблеми. Овој дел на Грција е погоден од бура наречена „Даниел“. Лошото време трае веќе неколку часа.
Во градот Волос сообраќајот по обиколницата е во прекин, а возилата се заглавени на висината на Пантесаликос. Противпожарните екипи се обидуваат да ги ослободат возачите. Исто така, вода продрела и во една соба од болницата во Волос.
Градоначалникот на Волос, Ахилеја Беос, излезе од градското собрание и ги праша возачите зошто возат по поплавените улици, нагласувајќи дека луѓето биле предупредени за опасноста од поплави.
– Каде тргнавте? Ова што се случува е лудо! Рековме 100 пати, ве молиме да не тргнувате. Каде одите? Од вчера ви кажуваме, реките ќе се излеат, знаете ли дека доаѓа водата? Одете дома – вели градоначалникот Ахил Беос во видеото објавено на Фејсбук.
Некои села останаа без струја, невремето собори дрвја, а граѓаните беа повикани да не излегуваат надвор освен ако е апсолутно неопходно.
Грчките медиуми јавуваат дека гром удрил неколку пати во текот на ноќта, додека во раните утрински часови силен ветер ја погодил општината Агиа и брегот на Лариса, предизвикувајќи прекин на електричната енергија во многу околни села.
Поплавите предизвикаа проблеми и на грчкиот остров Скијатос.
Според градоначалникот патиштата се затворени, тој побарал од жителите да останат во своите домови и поднел барање за прогласување вонредна состојба во општината.