Народната банка на својата интернет-страница до крајот на овој месец ќе започне да објавува споредбени податоци за видот и висината на надоместоците за најрепрезентативните услуги поврзани со платежните сметки, по поединечен давател на платежни услуги (по банка). Овие активности на централната банка се преземаат за натамошно зајакнување на заштитата на граѓаните како потрошувачи на овие услуги и се овозможени со новиот Закон за платежни услуги и платни системи. Со пристапот до овие податоци, граѓаните ќе можат да споредат и да проценат кои услуги и производи соодветствуваат најмногу на нивните потреби. Покрај транспарентноста, се очекува дека оваа мерка ќе придонесе и кон повисока конкуренција помеѓу давателите на платежни услуги, а со тоа и кон понуда на поповолни услови.
За оваа цел, Народната банка подготви листа од 11 најрепрезентативни услуги поврзани со платежната сметка за кои редовно, на воедначен начин, ќе прибира податоци за надоместоците од секој давател на платежни услуги, коишто за граѓаните ќе бидат достапни преку посебна платформа за споредба на надоместоците, што веќе ја изработија стручните служби на централната банка. Платформата ќе им овозможи на граѓаните на прегледен начин да прават споредби на надоместоците за одделен производ или услуга, кога одлучуваат кај кој давател да користат платежни услуги.
Новиот Закон за платежни услуги и платни системи, којшто стапи на сила на почетокот на годинава, обезбедува добра правна рамка за заштита на правата на граѓаните како потрошувачи на платежни услуги. За првпат во историјата на користењето на платежните услуги во нашата земја се воведува законска обврска за давателот да ги уреди правата и обврските на потрошувачите со рамковен договор во стандардизирана форма, во којшто треба да биде содржан и задолжителен сет информации, вклучително и за можностите и условите под кои може да биде изменет или раскинат. Притоа, од посебно значење за заштитата на потрошувачот е законската обврска за давателот на платежните услуги да му даде информативен документ за надоместоците, пред потрошувачот да се обврзе да ги користи неговите платежни услуги со рамковниот договор. Информативниот документ за надоместоците е стандардизиран и има за цел да им обезбеди на потрошувачите споредливи информации за надоместоците за најчесто користените платежни услуги во Република Северна Македонија, или т.н. најрепрезентативни услуги. Давателот има законска обврска да доставува извештај за наплатените надоместоци до потрошувачот, најмалку еднаш годишно.
извор: Народна банка