Денешниот ден донесе огромна паника меѓу спортистите, клубовите и националните федерации, откако пратениците во Собранието го укинаа т.н. ваучер-системот за државна помош на федерациите, клубовите и индивидуалните спортисти без истовремено да донесат заменско решение, кое го ветија на почетокот од годината, објави sport1.mk.
Денеска всушност беше само официјализирана најавата за укинување на членот од Законот за даночно ослободување од крајот на минатата година, кога ваквата измена во Законот за данок на добивка беше дадена во собраниска процедура, но во последен момент беше повлечена. Тогаш лелеците на македонската спортска јавност беа слушнати, па државната помош од 10 милиони евра продолжи и во 2023 година, но денеска пратениците немаа милост и ставија крај на ваквиот начин вбризгување пари од буџетот во спортот. Членот 30-а, кој го објаснување начинот на прелевање пари од државна сметка кај спортистите, од јануари 2024 година дефинитивно заминува во историјата, без притоа да се најде заменско решение иако беше дадено такво ветување.
Тоа беше искажано од министерот за финансии, Фатмир Бесими, кој јавно кажа дека спортистите нема да останат без пари, но дека тие ќе ги добиваат директно од државата, а не од фирми, кои потоа таа сума си ја одбиваа од парите кои како данок на добивма требаа да ги платат во буџетот на Македонија.
„Одиме со поинакво решение, ваучер-системот нема да оди преку поддршка и ослободување од даночната обврска туку ќе се реализираат преку програма на Влада – директно како поддршка од буџетот. Институцијата што ќе го реализира тоа дополнително ќе се прецизира преку законот. Оваа важна категорија за поддршка на спортот останува, но со изменет систем затоа што досегашното решение во пракса создаваше црн пазар“, изјави тогаш Бесими.
Ваквата изјава на министерот беше разочарувачка за одреден број „продавачи на магла“, кои се појавија во последните години, а за кои јавна тајна беше дека учествуваат во реализација на ваучерот на клубовите кои имаа проблеми со тоа, но за одреден процент. Владата на овој начин сакаше ваквите криминалци да ги остави без работа, односно парите од буџетот да се внесат директно кај спортистите без претходно да се „проретчат“ низ џеповите на разни посредници.
Но, засега без средства нема да останат само „продавачите на магла“, туку и тие самите, заедно со клубовите и федерациите, барем додека државата не го реализира ова ветување или не најде друг начин за помош на македонскиот спорт. Ако воопшто го стори тоа.
Инаку, распределбата на тоа кој колкава сума треба да добие, пак, ја вршеше Агенцијата за млади и спорт (АМС) на предлог на националните федерации, а според претходно определен правилник за бодување. Во предвид се земаа нивото на натпреварување, бројот на репрезентативци кои носеа плус поени, но и странски спортисти кои се впишуваа во минусното салдо, како и постигнатите успеси и тоа дали субјектот се натпреварува и на меѓународна сцена.