ИРЛ во Гетеборг ја доби престижната светска награда за новинарство за истражувањето „Нечиста крв“

Истражувачкиот филм „Нечиста крв“ во продукција на Истражувачка репортерска лабораторија (ИРЛ) и Македонскиот јавен сервис (МРТВ) ја доби наградата за истражувачко новинарство – Global Shining Light Award за истражувањето „Нечиста крв“ на 13-тата Глобална конференција за истражувачко новинарство (GIJN) во Гетеборг, Шведска.

За нaградите кои беа доделени вчера вечер, оваа година конкурираа рекорден број – 419 учесници од 84 земји. ИРЛ е првиот македонски медиум кој некогаш бил номиниран и ја добил наградата Global Shining Light Award.

Номинациите беа во две категории, големи редакции кои имаат над 20 членови во тимот и мали редакции со помалку од 20 членови. Глобалната мрежа за истражувачко новинарство одлучи во двете категории да додели по две први награди и по еден сертификат во секоја категорија. Документарниот филм на ИРЛ е првонаграден во категоријата „мали и средни медиуми“ меѓу шест финалисти заедно со Viewfinder од Јужна Африка со сторијата „Above the law“.

„Ова е прво вакво признание за работа на новинари од Македонија и горди сме што можеме да ја претставиме работата на македонските новинари во вакво светло и во ваква конкуренција. Наградата е особено значајна затоа што ги слави новинарите кои работат во тешки и опасни услови и во непријателска околина. Балканските организации ретко добиваат вакви признанија, всушност досега оваа награда ја добила само една организација, што не прави уште посреќни, но и обврзани да продолжиме со оваа работа без разлика на тоа колку е голем предизвикот“, рече Сашка Цветковска главен и одговорен уредник на ИРЛ.

За доделувањето на наградите одлучуваа искусни истражувачки уредници и професори како Шејла Коронел – професорка по истражувачко новинарство на Факултетот за новинарство на Универзитетот Колумбија; Дејвид Ли – поранешен истражувачки уредник на Гардијан; Бенон Олука – уредник на GIJN Африка; мексиканската новинарка Марсела Турати и украинскиот тренер за развој на медиуми Олег Хоменок.

„Опасно време e да се биде истражувачки новинар и нашите победници покажаа дека со храброст, умешност и поддршка од граѓаните, можно е револуционерно известување и големо влијание и покрај ризиците. Ги поздравуваме овогодинешните наградени. Тие се инспирација за сите нас“, истакна претседателката на жири комисијата и професорка по истражувачко новинарство Шејла Коронел.

Во категоријата на мали и средни медиуми заедно со ИРЛ беа номинирани уште пет истражувачки стории и тоа: „Kidnapping in Haiti — Caught in the Middle“ — Connectas and Enquête d’action (Хаити), „Scorpion Prison Cells Above the Law“ — ARIJ (Египет), „The Deadly Ways Colombian Police Quell Protests, and Its Alliances with Armed Civilians“ — Cuestión Pública (Колумбија), „Secret Prisoners of Dhaka“ — Netra News (Бангладеш) и „Above the Law — Viewfinder (Јужна Африка).

Во оваа категорија покрај првата доделена награда за ИРЛ и Viewfinder, жирито додели и сертификат за извонредно известување за сторијата од Бангладеш.

Во категоријата за големи медиуми наградата ја делат „The Bandit Warlords of Zamfara“, документарен филм на BBC Africa Eye (Нигерија) и „Corredor Furtivo“, сторија изработена од Armando.Info (Венецуела) и El País (Шпанија).

Сертификат за извонредност во категоријата на големи медиуми доби сторијата од Украина насловена како „How Volunteers Buried Civilians en Masse in Izium“ и изработена од Radio Liberty и Schemes.

Во продолжение можете да го погледнете документарниот филм „Нечиста крв“.