Живинарските фарми реагираат дека се пред колапс по најновата одлука на владата да се замрзнат цените на нивото од први август и на тоа да се предвиди 10% поевтинување, пренесува „Канал 5“.
Од фармите предупредуваат дека ако не се ревидира оваа одлука, земјава може да остане без доволно домашно производство на конзумни јајца, бидејќи сите живинарски фарми по оваа цена би работеле со огромни загуби далеку под реалната производна цена. Причината зошто владината мерка е сега проблематична е што тие, поради намалена побарувачка во летниот период ја намалуваат цената до крајно ниско ниво коешто во август е дури и со загуба. Па така, ако сега се земе таа цена како основа за пресметка, тие нема да имаат друго решение освен да почнат да го намалуваат бројот на кокошки, а јајца нема да може по тие цени да се увезат од никаде што може да придонесе за криза во снабдувањето по маркетите
За овој проблем со дописи веќе ја известиле владата и надлежните, но сеуште немаат одговор. Апелираат цените да се одредат заеднички на реална основа, за да има поевтинување за граѓаните, но не и живинарските фарми да работат со загуби што ќе значи колапс на едно од ретките производства, кое целосно го снабдува домашниот пазар со свежи јајца.
извор: канал 5