Хорор во Шпанија: бик уби човек на фестивал

Човек почина од повредите здобиени кога го удри бик на фестивал во источна Шпанија, соопштија денеска властите.

Шпанецот бил погоден во рамо од бик за време на одржувањето на фестивалот на бикови во градот Побла де Фарналс во регионот Валенсија во саботата, по што бил пренесен во болница, но подоцна починал, соопштија тамошните власти, пишува „Ројтерс“.

Тие изјавија дека истиот бик удрил по нога друг Шпанец и дека тој е во болница во стабилна состојба.

На фестивалот, биковите се пуштаат на улиците, а тркачите се тркаат пред нив, традиционален настан во повеќе од 1.820 шпански општини секоја година, според неодамнешното истражување на групата за заштита на животните AnimaNaturalis.

Ваквите фестивали се популарни, а активистите за правата на животните велат дека се опасни и сурови и се залагаат за нивно укинување во последните години.