Полиција на Косово: Убиен еден од напаѓачите во Бањска, затворени граничните премини Јариње и Брњак

0
254

Полицијата на Косово денес соопшти дека е убиен еден од напаѓачите во селото Бањска во општина Звечан, во северниот дел на земјата, каде рано утринава е убиен еден припадник на полицијата, а двајца се ранети, пренесува Анадолу.

Полицијата соопшти дека ситуацијата во северниот дел на земјата и понатака е тензична.

„Криминални групи одвреме навреме ги напаѓаат со огнено оружје полициските единици на теренот, кои и покрај нападите врз нив, ја продолжуваат својата посветеност на создавање безбедносен периметар, во интерес на смирување на ситуацијата, обезбедување на сигурноста и владеење на законот и редот во Косово“, се наведува во соопштението на полицијата.

Покрај тоа, во соопштението се наведува дека околу манастирот во Бањска се наоѓа „значителен број професионални напаѓачи, маскирани и униформирани во различни униформи, вооружени со тешко воено оружје, гранати, рачни фрлачи.“

„Полициските единици, во согласност со ситуацијата и опасноста што ја претставуваат спорадичните напади на криминалните групи, во самоодбрана и одбрана на граѓаните на тоа подрачје, принудени се да одговорат на нападите, и според досегашните информации, еден од напаѓачите е убиен“, наведуваат од полицијата.

Полицијата на Косово од безбедносни причини ги затвори граничните премини Јариње и Брњак, и ги повика сите граѓани да ги користат останатите гранични премини за сообраќај, притоа избегнувајќи го движењето на тоа подрачје.

„Продолжува соработката и координацијата на Полицијата на Косово со надлежните домашни и меѓународни институции, со цел одржување на мирот и јавната безбедност, како и изведување пред лицето на правдата на извршителите на континуираните напади врз полициските службеници. Во исто време ги повика напаѓачите да им се предадат на органите на редот“, се вели во соопштението на полицијата на Косово.

извор:Анадолу.

фото: Анадолу.