Мицкоски: Тоа што сега го зборува Османи му го кажувавме ние цело време, но тоа требаше да го мисли кога го прифаќаше анексот и договорот кои се тотално асиметрични

При денешната посета на општина Гази Баба, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање во однос на новиот момент на министерот за надворешни работи Османи за односите со Бугарија и новите барања на патот кон ЕУ истакна дека тоа ВМРО-ДПМНЕ го зборува тоа многу пати во изминатиот период а власта само го усложнува и закочува процесот кон ЕУ, со договорот кој што го прифати со Бугарија а е тотално асиметричен и е во согласност со бугарските позиции кои што се дел од вековниот руски интерес на Балканот.

„Тоа го зборуваме ние цело време, јас лично сум го кажувал неколку десетици пати, дека ова е само почеток и отворање на пандорината кутија, дека допрва доаѓаат тешките барања и допрва доаѓаат тешките денови за Македонија, кога станува збор за спорот со Бугарија, но тоа требаше да се мисли кога го прифаќаа тој анекс на договорот за добрососедство и пријателство и кога прифатија овие тешки прашања да бидат дел од преговарачката рамка. Но ќе кажам не само тие требаше тука да мислат и бирократите во Брисел кога го прифатија тоа што овие, би рекол политички егзибиционисти и незнајковци, прифатија, зборувам за нашите политичари. И сега што направија само го усложнија процесот на Македонија кон пристапување кон ЕУ. И сега ние повторно се доведуваме во една ситуација во која што или ќе ги исполниме барањата на Софија, нивниот диктат без да добиеме гаранции никакви или пак имаме децениски а можеби и вековен процес на преговори со ЕУ и не заради европските темелни вредности туку за прашања кои што немаат никаква врска со ЕУ темелни вредности. Да докажеме каков е нашиот идентитет, да докажеме какво е нашето минато, традиција култура обичаи, да зборуваме за средниот век, како што сега се зборува наместо да зборуваме за иднината. И тоа го направи оваа влада и сега ние сите сме закочени и се наоѓаме во еден момент заглавени. Не може никој да ме убеди дека тоа не е вистина, јас верувам во добрите намери на нашите стратешки пријатели, верувам во добрите намери и на Вашингтон и на Брисел и на Лондон и на Париз и на Берлин и на Рим и останатите, но не можам да верувам во добрите намери на официјална Софија а за жал договорот кој што го прифатија е тотално асиметричен и е во согласност со би рекол со бугарските позиции целосно кои што се ништо друго освен вековниот руски интерес на Балканот“, нагласи Мицкоски.

извор: ВМРО ДПМНЕ