Спасовски за Сител: Со обезбедени докази ќе ги именуваме виновниците за случајот “Онкологија” и ќе се оттргне вината од целата лекарска фела

Министерот за внатрешни работи во „Тема на денот“ во дневникот на Сител запрашан за скандалот на Клиниката за онкологија како едно од најгорливите прашања за јавноста, за сведочењето пред Анкетната комисија за утврдување на одговорноста уште еднаш потенцираше дека материјалите коишто се одземени, во моментот се наоѓаат на вештачење.

„Вештачењата треба да ги покажат сите аргументи, сите факти, сите докази во целата таа постапка и на основа на тоа што ќе биде од вештачењата, доказите коишто ќе бидат понудени, секако дека ќе се носи одлука во Јавното обвинителство“, потенцираше министерот Спасовски.

Минстерот за внатрешни работи објасни дека се водат финансиски истраги за седум лица, но тоа не значи дека тие се осомничени или дека тоа ќе биде конечен број на лица, а со самото тоа не може во моментов да се каже на кои позиции се тие во Клиниката за онкологија.

„Знам дека тоа е тема којашто предизвикува внимание во јавноста, меѓутоа е многу важно до крај да се завршат работите и на основа на сѐ што ќе се обезбеди како доказ, да се именуваат тие коишто се виновни во овој случај, да се изведат пред лицето на правдата и секако да се оттргне вината, генерално, од лекарската фела“, истакна министерот Спасовски.

Спасовски објасни дека во моментот јавно не може да се каже ништо повеќе од тоа што тој веќе го кажа пред Анкетната комисија, бидејќи со тоа се навлегува во деталите на истрагата.

„Секогаш е најдобро кога истрагата се води во институциите, а кога ќе дојде момент за соопштување во јавноста, тоа да го направиме. Инаку, апсолутно не е целисходно ние сега да излегуваме во јавноста, да шпекулираме, да нагаѓаме – тоа само ќе му штети на овој процес. Работиме заедно со Јавното обвинителство, интензивно, врз основа на планот што го правиме, тој план може да доживува промени во текот на постапката, а нашата цел е најбрзо можно да се завршат овие постапки и на крај да резултираат со очекувањата“, потенцираше Спасовски.

извор: МВР