Пензионери го блокираа патот Неготино Кавадарци – бараат повисок стандард

Пензионери од Неготино преку протест бараат повисок пензионерски стандард.

Тие денеска извесно време го блокираа и патот од Неготино кон Кавадарци, на тој начин, како што рекоа, изразувајќи го својот револт поради ниските пензии и тешкиот пензионерски живот.

По блокадата на патот незадоволните пензионери се движеа со транспаренти за зголемување на пензиите, низ главната улица во Неготино.

-Бараме повисок стандард, линеарно покачување на пензиите од по пет илјади денари, минималната пензија да биде 18 илјади денари. Си ги бараме нашите пензионерски права и услови за подостоинствен живот, рекоа разочарани пензионери на протестот.

Веќе извесен период, пензионери од Неготино и Кавадарци протестираат во одредени денови, барајќи да се слушне нивниот глас и да им се подобрат пензионерските денови.

Минатиот петок, неготинските пензионери го блокираа на еден час влезот и излезот на Неготино откај Гевгелија, за, како што рекоа, да алармираат за нивните проблеми и да побараат нивно решавање.

извор: Канал 5