Македонската асоцијација на новинари (МАН) побара Јавното обвинителство веднаш да преземе мерки против премиерот Димитар Ковачевски по неговиот, како што се оценува, скандалозен одговор на прашање од новинарот на Алфа ТВ Матеја Петровски.
МАН смета дека ЈО треба да постапи по повеќе основи, меѓу кои прекршување на член 16 од Уставот, прекршување на член 382 од Кривичниот законик, досегашниот член 319 од кривичниот законик, како и прекршување на препораките на Совет на Европа за борба против говор на омраза.
„Прашањето беше апсолутно некоректно… Ќе повторам нешто што го кажав на мојот говор на 11 Октомври во Куманово. Денес во нашата држава имаме концепт за европска Македонија, којшто го предводи Владата и СДСМ. Што ги третира сите граѓани еднакво според нивната етничка, верска и која било друга припадност. Меѓутоа, имаме појава на еден популизам, којшто во својата основа има етно-национализам и ксенофобија, што за мене е форма на модерен фашизам“, рече премиерот Димитар Ковачевски, како одговор на новинарско прашање од Матеја Петровски од Алфа ТВ.
„Со овој одговор, за премиерот Ковачевски новинарот Матеја Петровски е фашист, што преставува не само вербален напад со низа клевети и ширење говор на омраза (дефиниран во досегашниот член 319 од КЗ – тој којшто делото од ставот 1 на овој член го врши со злоупотреба на положбата или на овластувањето), туку и спречување на службено лице во вршење на својата дејност (член 382 од КЗ).
Македонската асоцијација на новинари (МАН) очекува Јавното обвинителство по јавно допрен глас, веќе в понеделник да поднесе обвинителен акт против премиерот Ковачевски за прекршување на член 16 од Уставот, ширење говор на омраза и спречување на службено лице во вршење на својата дејност согласно Кривичниот законик, како и прекршување на препораките на Советот на Европа.
plusinfo.mk