Нашиот имунолошки систем по правило напаѓа туѓи тела кои продираат во нашиот организам, како што се вируси или бактерии. И ги отстранува клетките кои се веќе оштетени. Кај автоимуните болести, имунолошкиот систем се врти против здравите клетки и ги оштетува нашите сопствени ткива и органи.
Луѓето заболени од автоимуна болест страдаат од хронично воспаление кое е придружено со болка, но и многу други симптоми како треска или постојан замор.
Научниците сега се надеваат дека во иднина ќе можат да користат таканаречени инверзни вакцини против вакви автоимуни болести.
Што е инверзна вакцина?
Џефри Хабел од Универзитетот Чикаго предводеше истражување за инверзни вакцини. Тој е убеден дека ова претставува „целосно нов концепт за вакцинација“, кој во иднина би требало да може да лекува бројни автоимуни болести.
Овие вакцини сѐ уште се во фаза на развој. Тие сè уште не се тестирани на луѓе. Но, постои голема надеж дека овој тип на терапија би можел да биде успешен. Во случај на мултиплекс склероза, на пример, првата фаза од сигурносните студии е веќе во тек.
Вообичаените вакцини го зајакнуваат нашиот имунолошки систем и го тренираат да се бори против опасните вируси или други агенси кои предизвикуваат болести. Кај автоимуните болести, имунолошкиот систем не прави разлика помеѓу „добро“ и „лошо“, туку ги напаѓа сите клетки, без разлика дали се опасни или не, дали се оштетени или здрави.
Инверзните вакцини треба да ги заштитат здравите телесни клетки од таков напад. Притоа здравите клетки такаречи се означуваат со натпис „не напаѓај“. На овој начин треба да се спречат насочени напади на имунолошкиот систем врз здравите клетки.
Кои болести би можеле да се лекуваат на овој начин?
Еден од кандидатите за третман со инверзна вакцина е, на пример, мултиплекс склероза. Кај оваа автоимуна болест се уништува заштитната обвивка околу нервите, таканаречениот миелински слој (демиелинизација). Овој слој игра важна улога во преносот на нервните импулси, а доколку е оштетен, сигналите не можат да се пренесат меѓу нервните клетки. На засегнатите лица им е сè потешко да се движат и често завршуваат во инвалидски колички.
И дијабетесот тип 1 е автоимуна болест која би можела да се лекува со инверзна вакцина. Кај оваа болест, имунолошкиот систем ги напаѓа клетките во панкреасот кои произведуваат инсулин. Затоа, инсулинот потоа треба да се инјектира во телото со инјекции.
Досега автоимуните болести обично се лекуваат со лекови кои само го инхибираат имунолошкиот систем. Но, ова има значителни негативни последици. „Со инхибирање на имунолошкиот систем, пациентите не можат толку добро да се борат против инфекции и не реагираат добро на вакцини, така што во принцип тие се повеќе изложени на ризик од болести“, вели Хабел.
DW