МОН ги објави конкурсите за ученички стипендии

Министерството за образование и наука (МОН) ги објави конкурсите за ученички стипендии за учебната 2023/2024 учебна година, во повеќе категории. Објавени се вкупно девет конкурси наменети за средношколци.

Отворени се конкурсите за педесет стипендии за талентирани ученици од областа на уметностите во јавните и приватните училишта, како и сто средношколски стипендии за талентирани ученици од други области.

Дополнително, отворен е и конкурсот за 150 стипендии за талентирани средношколски спортисти и спортистки, а се доделуваат и двесте стипендии за средношколци од училишта за угостителство и туризам, шумарство и обработка на дрво, градежништво и геодезија, земјоделство-рибарство и ветеринарство, машинство и текстил, кожа и слични производи.

Истовремено, отворен е и конкурсот за доделување на четиристотини средношколски стипендии за ученици/чки кои реализираат наставни планови и програми за стручно оспособување и стручно образование од тригодишно траење.

Илјада и петстотини средношколски стипендии се предвидени за учениците во стручно образование, во кои ќе се реализира практично образование со зголемен број на часови согласно програмите за стручно образование.

Деветстотини средношколски стипендии се одвоени за социјална поддршка на ученици/чки од јавните средни училишта, додека сто и педесет стипендии се предвидени за ученици со посебни потреби од јавните и приватните средни училишта.

Педесет стипендии се предвидени за средношколците без родители од  јавните и приватните средни училишта.