Синдикат на македонската полиција: Поради битка за тендер, полициските службеници се принудени да чистат ѓубре, ВЦ шољи и секој ден да рибаат тоалети

Полициски службеници добиле задача да се грижат за хигиената во службените простории по организациските единици за време на извршување на своите работни задачи, соопшти Синдикатот на македонската полиција.

– Поради битка за тендер во Министерството за внатрешни работи, полициските службеници се принудуваат да чистат ѓубре, ВЦ шољи и секој ден да рибаат тоалети или речено од почетокот на месец октомври 2023 година за време на своите работни задачи во работното време им се наредува да земат крпи, метли и џогери со кофи и да се погрижат “колку толку” за хигената на службените простории по Организациските единици насекаде во Министерството, велат тие.

Имено, поради прекинат договор на фирмата за чистење и одржување “хигиена” на сите објекти во МВР, додека траат надмудрувањата од кој да го земе тендерот, ѓубрето и нечистотијата нов проблем и нова мака за вработените во МВР особено сега и од очекувањето на појава на заразни болести и кои можат секој момент да започнат да се шират додека се мерат силите односно се чека да победи појакиот за некому фаворит.

– Бараме од Министерот за внатрешни работи итно надминување на создадениот сериозен проблем кој е настанат поради битките за профит. Состојбата е крајно лоша со хигиената и истата станува алармантна бидејќи е доведена во прашање Здравствената безбедност на вработените во МВР. Да го потсетиме врвното раководство на МВР дека поради тендерски расчистувања и препукувања за финансиски интереси произлегува негрижа за здравјето на работниците, затоа прекинете го создадениот хаос и престанете да го прекршувате Законот за заштита од вознемирување на работното место кој гласи:

Забранет е кој било вид на вознемирување на работно место, како и злоупотреба на правата на вознемирување на работно место, бидејќи вработените како полициски службеници немаат во своите работни задачи обврски да го чистат ѓубрето и да рибаат тоалети во МВР! Запрете ги понижувањата и МОБИНГОТ над вработените, најдете итно решение за хаосот кој е настанат од прекинатото одржување на хигиената поради борбата за тендер клининг сервис, соопшти претседателот на Синдикатот на македонската полиција, Дејан Саздов.

извор:МВР