Анима Мунди за труењето со пестицидот:Баравме истраги на терен и меѓуинституционална соработка пред се од МВР, АХВ, општините, проверки по земјоделските аптеки, пазарите

„Анима Мунди“ ги повика институциите да реагираат, а до граѓаните упатија повик да не го чуваат пестицидот Ланате, откако едно лице почина, а две се борат за живот, откако изедоа домашна пита со праз.

Причина за труењето е силен отров, метомил, познат помеѓу народот како ланате или ланата. Истиот веќе подолг период е забранет во земјава, но сепак, широко е распространет и е најчеста причина за труење на кучиња, кои умираат во тешка агонија.

„Години наназат сведоци сме на злоупотреба на смртоносни отрови, нивно расфрлање по високо фреквентни јавни површини (паркови, училишни дворови, детски игралишта; околу влезови и ресторани повеќето со безбедносни камери што би послужиле како доказен материјал за пронаоѓање на сторителот) масовни труења животни со супстанци кои за десетина минути, по само вдишивање и на најлош можен начин убиваат животни кои тежат и повеќе од 40 килограми. Баравме истраги на терен и меѓуинституционална соработка пред се од МВР, АХВ, општините, проверки по земјоделските аптеки, пазарите; секогаш подржани и од новинарите кои темата ја третирале пред јавноста зошто не засега сите. Предупредувавме дека е прашање на време кога ќе настрада човек. Но од страна на институциите со прст не е помрднато, ниту една единсвена мерка никогаш не била преземена, тук тамо некакво декларативно ветување пред јавноста во функција на пр, а најчесто само игнорирање и молк.

Вчера цело семејство е жртва на страотниот пестицид Ланате, при што е почината млада жена и две лица се борат за живот. Најдлабоко жалиме за оваа страотна трагедија и сочуствуваме со семејството“, реагираат од „Анима Мунди“.