Албанија бележи нов голем успех и е пред портите на Европското првенство (ЕП) кое во 2024 година ќе се игра во Германија. На последниот натпревар двајца поранешни македонски репрезентативци – Јасир Асани и Тауљант Сулејманов (сега Сефери) – беа јунаци во победата над Чесите, а како тие се најдоа во националниот тим?
Приказната за нивниот ангажман ја открива Аларико Роси, италијански фудбалски аналитичар кој дојде во националниот тим заедно со Кристијан Панучи во 2017 година, а работи и денес во стручниот штаб. Италијанец како што изгледа уште еднаш ќе биде јунак на Албанците, по Ди Бјази кој ја носеше земјата до прво историско учество на ЕП 2016.
„Кога дојдов во Тирана, Албанската федерација ми даде голема база на податоци, неверојатен сервис без кој никогаш немаше да го пронајдеме Јасир Асани“, изјави Силвињо, актуелниот селектор на Албанците, по големата домашна победа над Чешка во која Асани беше еден од стрелците.
Токму оваа база на податоци е креирана од Аларико Роси, кој направил тотална иновација во албанскиот фудбал и донел податоци за играчи кои имаат потекло од Албанија и може да го носат дресот на западниот сосед.
„Има три милиони Албанци во Албанија, но ако ги собереме сите луѓе кои имаат потекло од тука и нивните деца, тогаш тие се десет милиони. Тука не ги вбројуваме етничките Албанци кои имаат пасоши од други земји. Најтешко е да се најде информации и да се соберат сите на едно место дали може да играат тие за Албанија според правилата на ФИФА. Прво е тоа, потоа доаѓа техничкиот и тактичкиот дел. Кога дојдов во албанската репрезентација му дадов предлог на претседателот на федерацијата Дука да направиме база на сите албански играчи од светот, поделени по позиција и карактеристики, за да им ја олесниме работата на тренерите“, вели Роси и продолжува:
„Асани е перфектен пример за да го објасниме целиот процес. Тој е роден во Скопје, Македонија, но е етнички Албанец. Немаше настап за сениорскиот тим на Македонија, ниту на Албанија и ги имаше сите потребни работи за повик. Кога го ставив во базата на податоци, тој играше за Партизани Тирана, беше МВП во албанското првенство. Во тоа време лигата не се сметаше за доволно компетитивна да се игра за репрезентација, а под водство на Еду Реја игравме формација 3-5-2 и Асани не се вклопуваше во неа затоа што тој беше офанзивно крило.