Процесот на трансплантација од починат донор во Македонија започна во 2015 година, по донесените законски измени што ја дефинираат оваа материја. Најголем напредок е направен во 2020 година со започнување на мултиорганската трансплантација, или трансплантација на повеќе органи од еден донор. Таа година е направена и првата трансплантација на срце, следната се направени првите трансплантации од коскени ткива, а минатата, 2022 година, за првпат е направена трансплантација на црн дроб. За период од три години, 19 семејства дале согласност за донирање и трансплантирани се 67 органи и тоа 34 бубрези, три црни дроба, девет срца и 20 коскени ткива, објави vecer.press.
Националната координаторка за трансплантација Маја Мојсова-Мијовска е задоволна од напредокот што е постигнат, но, статистички гледано, во споредба со европските земји, кога станува збор за органодарителството, нашата држава е сѐ уште на ниско ниво.
– Ако се споредуваме со Европа, сѐ уште сме на ниско ниво. Ние имаме само едно бебе кое го родивме, го проодивме, значи сѐ уште не е независно. Нас ни треба систем и генерално проектот што во суштина сега ќе го работиме заедно со Европска Унија, е на ниво на едукација, кампања особено за здравствениот персонал, бидејќи навистина е мал бројот на здравствниот персонал што работи на оваа проблематика. Би сакале да го прошириме и сметаме дека тоа ќе ни биде од голема помош за да направиме еден солиден систем, една здрава база на системот, којшто потоа би работел со некаква динамика, вели Мојсова – Мијовска во изјава за МИА.
Според неа, можеби граѓаните се информирани, но, таа верува дека има уште многу непознати работи за нив.
– Тие работи треба да ги дообјасниме како стручни лица и да зборуваме отворено за оваа работа. Верувам дека ние лекарите, најмногу можеме да го доближеме до граѓаните, не само медицинскиот, туку и емотивниот дел. Се надевам на успешни наредни години, во кои ќе се градиме и ние, ќе изградиме нешто повеќе, вели Мојсова – Мијовска, додавајќи дека свеста за органодарителството во земјава се зголемува.
Заменик националниот координатор за трансплантација Билјана Андоновска вели дека проблем е недостигот на органи.
– Во 2022 година, 39.000 трансплантации се одработени на европско ниво, меѓутоа 48.000 се нови пациенти запишани на листите за чекање на орган. Ние со секоја нова трансплантација, учиме и повторуваме за човечките вредности – достоинство, желба да се помогне, човекољубие. Кампањата на Европската Унија за 2023 година гласи „Вашата сегашност е нивна иднина“. Донорите никогаш нема да бидат заборавени, нивните срца, само ќе бидат дел и ќе чукаат во друг организам, вели Андоновска.
Текстот во целост на: vecer.press.