Само пред 65 години во Белгија, Зоолошка градина со Црнци од Конго за забава на белите Европејци

Пред 65 години, Белгија организираше прикажување во живо на луѓе од Конго, за Светскиот саем во 1958 година. Пред повеќе од 5 години Гардијан потсети на овој малку познат факт, во статија во која опишува како земјата го преиспитува тоа наследство и се помирува со „човечките зоолошки градини“ од нејзиното колонијално минато.

Пред 65 години, Белгија го организираше отворањето на Светскиот саем, блескава 200-дневна прослава на повоениот социјален, културен и технолошки напредок. Тогаш беше промовиран и Атомиумот, футуристичка знаменитост изградена специјално за овој спектакл, објави plusinfo.mk.

Сепак, една изложба поставена во тоа време фрли сенка на сите настани – прикажување во живо на црнци, жени и деца, во „природни услови“. Изложбата беше поставена за образование и за забава на белите Европејци.

Тоа беше последната „човечка зоолошка градина“ во светот.

Во 1958 година, Белгија сè уште владееше со Конго, со територијата 80 пати поголема од земјата колонизатор. Централно-африканската држава богата со минерали ѝ донесе на малата Белгија престиж и углед во трката со колонијалните велесили Велика Британија и Франција.

Во подножјето на Атомиумот, кој беше смислен како одговор на париската Ајфелова кула, 8 хектари земја со 7 павилјони, под името Конгорама, беа посветени на темите на рударството во Конго, неговата уметност, транспортот и земјоделството. Во 3 хектари тропски градини, зад бамбусова ограда, во „традиционална“ облекабеа изложени 598 Конгоанци донесени од Африка – 273 мажи, 128 жени и 197 деца, вкупно 183 семејства.

Човечките зоолошки градини во никој случај не беа новина на Запад. Тие беа редовно одржувани во 19 век во Лондон, Париз, Осло и во Хамбург. Во Њујорк во 1906 година, на еден млад Конгоанец со наострени заби, му дале дом во куќата на мајмуните во зоолошката градина во Бронкс.

 

Текстот во целост на: plusinfo.mk