Раде Трајковски-Штекли којшто беше застрелан минатиот вторник во „Ист Гејт“ денеска излегува од болница

Раде Трајковски-Штекли којшто беше застрелан минатиот вторник во трговскиот центар „Ист Гејт“ по една недела помината на Универзитетскиот медицински центар за торакална и васкуларна хирургија, денеска ќе биде пуштен на домашно лекување.

Трајковски по извршената операција е во стабилна состојба иако му е остранет дел од белите дробови, додека пак лицето кое било со него има повреди во стомакот и во градната шуплина.

На социјалните мрежи кружи фотографија од ранетиот Раде Трајковски – Штекли на која и покрај видливите преврски, тој позира насмеан.

Фотографијата е направена во болничкиот кревет каде Штекли заврши по неодамнешниот втор обид за негова ликвидација во трговскиот центар „Ист Гејт“.

Инцидентот во „Ист Гејт“ се случи токму пред една недела, на 24 октомври, а пукањето се одвиваше на ниво „минус 1“ на паркингот.

Раде Трајковски-Штекли, се поврзуваше и со истрагата за убиството на младиот фудбалер Мартин Јанушев. По првичните сомнежи, во истрагата за убиството не беа најдени докази за Трајковски и тој не беше обвинет.

Штекли беше уапсен во Грција во 2011-та како осомничен во Италија за местење на фудбалски натпревари. Трајковски тогаш беше екстрадиран во Италија каде имаше и судење за големиот случај со наместени натпревари во италијанскиот фудбал.

извор: plusinfo.mk

извор: 24.mk