И актуелниот министер за здравство, како и претходните, најави дека ќе се воспостави професионален, редовен и транспарентен процес за ажурирање на Позитивната листа на лекови кои ги плаќа Фондот за здравствено осигурување, се вели во ФБ објавата на Комисија за здравство на ВМРО – ДПМНЕ.
Во продолжение објавата ја пренесуваме во целост:
Но, зошто тоа не е направено досега иако сме единствената држава во регионот во која не постои таков процес со кој на сите осигуреници на ФЗО би им овозможувал подеднаква и редовна достапност до повеќе, понови и поевтини лекови, преку аптеките и болниците?
Зошто и укажувањата од Државниот завод за ревизија за тоа дека постојат слабости во планирањето, реализацијата и контролата на доделување средства и исплати од ФЗО, не се важни за раководните структури на ФЗО и Министерството за здравство?
Законот за здравствено осигурување како основни здравствени услуги ги дефинира и лековите што не се на листата на лекови на ФЗО, а кои јавните здравствени установи(ЈЗУ) имаат право да ги набавуваат по претходна согласност од МЗ и ФЗО во која е утврдена поединечната цена на секој лек.
Во 2021 година ФЗО одобрил условен надоместок на 17 ЈЗУ, во вкупен износ од 1.265.265.000 денари (околу 20 милиони евра), од кои 91% или околу 18 милиони евра се однесуваат за набавка на лекови.
Во 2022 година ФЗО одобрил 1.313.000.000 денари (околу 21 милион евра) за иста намена.
Станува збор за зголемување во 2022 во однос на 2021 година за 3,7% или 47.735.000 милиони денари повеќе во споредба со вкупниот износ за договорени надоместоци.
Според податоците објавени со ивештаите од ДЗР и од ФЗО, условните буџети од 2017 до 2022 година имаат континуиран раст(фото).
Позитивната листа на лекови официјално не е ажурирана од 2015 година, а скапи лекови се набавувале со условни буџети за ЈЗУ кои се доделуваат по некаков си правилник кој нема конкретни правила и постапка за начинот на избор на таа скапа терапија, со години и не за сите ЈЗУ и не за сите пациенти подеднакво.
Јасно е дека некој арбитрарно и селективно одлучувал кои и колку лекови плус ќе се набават за некоја ЈЗУ, си играл Комисија за позитивна листа, одлучувал преку кои ЈЗУ, од кои веледрогерии и колку пари во милионски износи во евра ФЗО ќе даде од народните пари.
Посебно алармантно е што за „усовршените“ условни буџети за лекови, по аферата објавена во 2023 година „Онкологија“ , на почетокот на октомври 2023 во Службениот весник се објавени повеќе акти (правилници, одлуки) од ФЗО за условните буџети и сл.
Ова е приказ на само еден дел од нефункционалниот здравствен систем кој не им служи на граѓаните туку се креира за да служи на приватниот профит интерес.
извот: ФБ Комисија за здравство ВМРО ДПМНЕ