Во ЈСП „Скопје“ вчера од работа се избркани 45 лица вработени со договор на определено време. Вработени во претпријатието кои се јавиле во 4news.mk велат дека без никаква најава, во еден ден останале без работа луѓе кои повеќе до 7-8 години се ангажирани на различни работни позиции..
„Во ЈСП се отпуштија сите работници преку договор од кои некои што работеа по 7 или 8 години, а не успеаа да добијат решение на неопределно време. Од ден за ден им е кажано дека им с епрекинуваат договорите. Многу од нив се со деца и многу кадар ќе фали сега, Има луѓе кои исполнуваат задачи и за другите т.е и за тие што со решение, а не се избркани“, се вели во писмото до нашата редакција.
Дека ЈСП нема пари и дека поради тоа се бркаат од работа луѓе објави и претседателот на градската организација на СДСМ Васко Кичевски.
„Пред неколку месеци говорев за тоталната неспособност на градоначалничката Данела Арсовска и нејзините управувачки структури на градските јавни претпријатија. Таа неспособност веќе сите ја чувствуваат, особено граѓаните кои ги користат услугите на ЈСП. Претпријатието веќе две години не успева да обезбеди нормален автобуски превоз за Скопје и скопјани, а вчера благодарение на најнеспособниот менаџерски тим 45 луѓе останаа без работа во тоа исто претпријатие“, напиша Кичевски на неговиот Фејсбук профил.
ЈСП „Скопје“ нема пари да подели плата откако на двете последни седници во Советот на Град Скопје советниците не го изгласаа барањето на градоначалничката Данела Арсовска да се дадат нови субвенции во висина од 1,8 милиони евра. Советниците рекоа дека не може да гласаат за ваква одлука, а цел мандат да не добиваат никакви информации за работата на претпријатието, градоначалничката Арсовска да не доаѓа на седници и да не одговара на нивните прашања.
Сега претпријатието нема да може да подели плата за месец октомври со што повтроно Скопје може да остане без автобуски превоз, како пред една година кога возачите протеситаа оти им се доцнеше со исплатата на плата.