Николоски – По изборите, Влада со ДУИ нема да има

Една од причините за сегашниот низок рејтинг на СДСМ е бидејќи не го реализираше своето ветување од 2016 година, кога тогашниот лидер на партија Зоран Заев рече дека нема да влезе во коалиција со „криминалците и бандите“ од ДУИ, вели пратеникот и потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски во неделното интервју на РСЕ. Тој вели дека после изборите “една работа е сигурна, а тоа е дека Влада со ДУИ нема да има.“

Г-не Николоски, власта најавува дека до крајот на годинава ќе се донесат уставните измени. Ако се остварат нивните најави дека за уставните измени ќе гласаат дел од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, дали раководството на партијата ќе поднесе оставка, како што најави за себе и лидерот Христијан Мицкоски?

Тоа се празни приказни, година и пол трае оваа приказна. Уставни измени под бугарски диктат нема и нема да има, така што ова е затворено прашање.

Велите дека ниту еден пратеник на ВМРО-ДПМНЕ нема да гласа за уставни измени под бугарски диктат, ниту сега ниту после избори…

„Не, не. Ова го затворивме. Уставни измени нема да има, така што мислам дека е беспредметно воопшто да влегуваме тези и хипотези коишто единствена цел имаат да се замајува јавноста од вистинските тема, а тоа е на пример како е возможно да Државна лотарија се исели од државни простории и оди во приватни простории потпише 2,6 милиони евра кирија и после таа фирма е купена од син на пратеник од ДУИ. Тоа се реалните теми во Македонија. Така што да ја затвориме темата, уставни измени под бугарски диктат ни пред, ни после избори нема да има. Тоа е затворена тема.

Но, оваа обврска е веќе дел од преговарачката рамка со ЕУ. Како вие ќе ја смените преговарачката рамка?

-Тоа се веќе работи за кои треба да понесат одговорност овие коишто пифатија ваков бугарски диктат, затоа што ова е понижување за Македонија и ние секако сме спремни да разговараме за продолжување на европскиот пат на Македонија, но само доколку и Бугарија е спремна да направи чекори. Бугарија само треба да го испочитува она што е основен принцип на владеење на правото, а тоа е меѓу другото почитување на пресудите на Европскиот суд за човекови права во Стразбур, којшто е највисок суд за човекови права во Европа, а таму има 14 пресуди коишто Бугарија не ги спроведува. Во моментов во процедура има уште 17 други процеси коишто исто така најверојатно ќе завршат со корист на Македонците во Бугарија. Бугарија досега нема спроведено ниту една. Исто така, Македонија мора да има јасни гаранции за својот многувековен идентитет, но исто така дека нема на следната станица да има повторно вето, како што треба и граѓаните да видат прогрес во однос на преговорите со Европската унија во однос на економската благосостојба што е најзначајно за нив. Така што сите овие елементи треба да се склопат за Македонија да оди напред и евентуално да направи некаков чекор. Но, уставни измени под Бугарски диктат се уцена и затоа ние не прифаќаме и тоа не се случи затоа што пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ се спротивстави и не се изгласаа. Ова прашање заврши на 18 август.

Во изминатиов период ВМРО-ДПМНЕ излегуваше со обвинувања за корупција на функционери на ДУИ. Дали тоа значи дека ако победите по изборите нема да коалицирате со, како што вие велите криминалците од ДУИ?

-После изборите една работа е сигурна, а тоа е дека Влада со ДУИ нема да има. Ова раководство на ДУИ за жал се криминализираше до максимален можен степен, скоро и да нема ден во којшто нема афера во којашто дел се претставници на ДУИ. Тоа е однесување коешто никој не може го толерира и однесување кое што треба да биде истражено од органите, а не да биде дел од владина работа, затоа што ние излегуваме со наша програма и таа програма не можете да ја спроведете со луѓе коишто одат сабајле на работа и размислуваат како да злоупотребат нешто или да направат криминал.

 

Текстот во целост на: slobodnaevropa.mk