ЗНМ и ССНМ утре на новинарски протест: Судот нема право да одредува кој смее да работи како новинар

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) утре (петок, 17 ноември), со почеток од 11 часот, ќе организираат протест пред Граѓанскиот суд во Скопје, за да реагираат против срамната пресуда против новинарите на ИРЛ, во чие писмено образложение е наведена поука дека Министерството за правда може на ИРЛ да ѝ изрече и забрана за работа.

„Да го кренеме гласот против судската пракса воведена со пресудата против Истражувачката репортерска лабораторија со која судот си додели улога да одредува кој смее, а кој не смее да биде новинар. Судот нема право да утврдува кои онлајн медиуми и граѓански организации смеат да се бават со новинарство“, наведуваат од ЗНМ и ССНМ.

Протестот ќе почне на платото пред Младинскиот културен центар во 10:40 часот, а ќе продолжи пред Граѓанскиот суд.

Од ЗНМ веќе реагираа дека во писменото образложение на пресудата за сторијата „Заговор против воздухот“ на ИРЛ се користат низа на проблематични квалификации кои се граничат со цензура и закани за затворање на медиумот.

Судијата Јованка Спировска Панева, која одлучуваше во случајот „Фероинвест против ИРЛ“, во образложението од пресудата го спори статусот на новинарите во ИРЛ и тврди дека ИРЛ не е медиум, односно ИРЛ не е здружение за новинарски известувања.

„ИРЛ нема ниту својство на медиум, како средство за јавно информирање според Закон за медиуми, a членовите на истото немаат својство на новинари, ниту можат, заради известување на јавноста да прават новинарски обликувани емисии, да се претставуваат како новинари или да се бават со жанрот истражувачко новинарство и сето тоа да го објавуваат преку средствата за јавно информирање“, алармираа од ЗНМ.

И Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) реагираше дека образложението на пресудата на граѓанскиот суд во случајот Кочо Анѓушев и компанијата „Брако“ против Истражувачка репортерска лабораторија (ИРЛ) и новинарката Сашка Цветковска е скандалозно, неприфатливо и незамисливо за едно демократско општество.
Станува збор за опасен преседан на произволно толкување на законите од страна на судската власт, надвор од нејзините ингеренции, велат од ССНМ.

„Се поставува досега невиден и опасен преседан судот и државните институции да одредуваат што е медиум, кој е новинар и кој смее да се бави со новинарска дејност. ССНМ смета дека токму овие произволни и паушални толкувања на Законот за медиуми, како и на Законот за здруженија и фондации претставуваат пред сѐ залажување на јавноста од страна на судот со цел оправдување на оваа скандалозна и досега невидена одлука во македонското правосудство“, вели Синдикатот.