Инфекции на средно уво, сепса, менингитис – кога овие болести се предизвикани од бактерии, децата се лекуваат со антибиотици. Но, помалку од 50 проценти од антибиотиците се ефикасни во лечење на тие инфекции, се наведува во студијата од Универзитот во Сиднеј.
Бактериите се станати отпорни и веќе не реагираат на антибиотик. Недостигаат нови и ефикасни средства. Ова може да биде посебно опасно за доенчиња и деца, зашто нивниот имунолошки систем уште не е зрел и не може адекватно да се одбрани од инвазивни бактерии.
Неисправно дозирање
При давањето антибиотици не е важен само точниот избор на антибиотик, туку и дозирањето. Често е тешко дозирање со антибиотски сируп, кој најчесто се препишува на доенчиња и мали деца, за да се избегне давање во облик на таблети. На мало дете е полесно да му се даде лажиче сируп, отколку да се натера да голтне таблета.
„Може да се случи родителите ненамерно да погрешат при дозирањето на антибиотик. Во 50 проценти случаи децата не добиваат количина од лекот пропишана од лекарот“, вели Јоханес Хибнер од Германското друштво за детски инфективни болести.
Антибиотиците не се секогаш неопходни
Ако станува збор за сериозна бактериска инфекција предизвикана од стрептококи или инфекција на уринарниот односно респираторен тракт, антибиотиците се оптимално решение. Тие го запираат растот на бактериите, нивната репродукција или ги убиваат. Освен тоа, тие дејствуваат брзо, кога не сте имуни на нив.
Уште една инфекција низ која поминуваат многу доенчиња и деца е инфекција на средно уво. Според проценките на Светската здравствена организација, тоа е најчесто заболување кај децата ширум светот.
Кај оваа болест отекува слузокожата во увото, посебно во краток и чувствителен премин, ушното тапанче. Секретот веќе не може да излегува и врши притисок врз ушната мембрана, што предизвикува силни болки кај децата. Симптомите многу брзо можат да се решат со антибиотик.
Постојат ли алтернативи?
Лековити билки кои имаат антимикробни својства можат да се користат и за некои заразни болести. Тука спаѓа на пример лук, а позитивно дејство има и масло од оригано. Солни раствори можат да помогнат кај респираторни инфекции, додека кај инфекција на средно уво класичен лек е на пример облога од кромид.
Но, антибиотиците често се најдобро решение. Пример е сепса, која мора веднаш да се лекува, а ако не се случи тоа, во најлош случај постои ризик од септичен шок со откажување на органите, што може да доведе до смрт.
Сепсата често се случува кога ќе се инфицира надворешна рана, што не е невообичаено кај деца. Ако предизвикувачите на инфекцијата влезат во крвотокот или лимфниот систем, инфекцијата може брзо да се прошири по целото тело и состојбата брзо да се влоши.
Секоја година во светот се случуваат околу три милиони случаи на сепса само кај новороденчиња, околу 570.000 од нив умираат.
Сѐ почнува со правилна дијагноза
Често се заборава дека само бактериска инфекција може да се лечи со антибиотици, но не и вирусна. Затоа е важно поставување правилна дијагноза.
Ситуацијата е посебно драматична во југоисточна Азија и на Пацификот. Во Индонезија и на Филипини илјадници деца умираат секоја година зашто антибиотиците не се делотворни.
„Од една страна, не сите антибиотици кои ги имаме овде во Европа се достапни за тамошните лекари. Друг проблем е дијагностиката. Ние сега консеквентно идентификуваме патогени и тестираме чувствителност на антибиотици, а потоа даваме антибиотик со најтесен спектар“, објаснува Јоханес Хибнер.
Во последните 15 години бројот на имуни на антибиотици ширум светот е зголемен. Но, до нови антибиотици уште долго се чека. „Истражувањата на антибиотици долго се занемарувани, зашто не беа исплатливи за фармацевтските компании“, истакнува Хибнер.
DW