Позната македонска пејачка и музичарка Андријана Јаневска одбрани докторска дисертација на тема „Македонското традиционално народно пеење во: Мала Преспа, Голо Брдо и Гора“

0
233

На 20 ноември 2023 година во Институт за фолклор “Марко Цепенков” на Универзитетот “Св. Кирил и Методиј” во Скопје, беше успешно одбранета докторска дисертација на тема „Македонското традиционално народно пеење во: Мала Преспа, Голо Брдо и Гора“ од кандидатот м-р Андријана Јаневска.

Ваквата вест за нас, Македонците во Албанија е особено значајна бидејќи се намалува просторот за фалсификување на нашата, македонска народна песна.

Во овој докторат се опфатени неколку многу важни теми за Македонците во Албанија, а започнува со стандардниот вовед за запознавање на читателите со темата која се обработува. Потоа, д-р Јаневска се задржува на географско-историските и демографско-социополитички особености во регионите Мала Преспа, Голо Брдо и Гора. Покрај тоа, дава и осврт врз досегашните проучувања на музичкиот фолклор на Македонците, потоа обредите и обредно пејачките жанрови кои се поделени на календарски обредни песни, песни од животниот циклус, ороводни песни, лирски песни, печалбарски песни и балади.

Кон сето тоа, се обработува и тема за традиционалните музички инструменти кои Македонците ги користат при изведбата на македонските народни песни, потоа современата состојба на македонскиот музички фолклор во Мала Преспа, Голо Брдо и Гора, претставени се фолклорни манифестации, собири и фестивали, како и медиумското претставување на традиционалните пејачки форми кај Македонците во трите области.

Особено значаен дел во докторскиот труд на д-р Андријана Јаневска претставува делот во кој ги обработува структурно-композициските законитости на македонските народни песни преку метроритмичката компонента на песните, како и со обработка на мелодиско-созвучната компонента во македонските народни песни во Мала Преспа, Голо Брдо и Гора.

Од исклучително значење за македонската традиција во Мала Преспа, Голо Брдо и Гора во докторатот на д-р Јаневска претсавуваат прилозите во кои се наоѓаат:

  1. Напеви и поетски текстови во традиционалното народно пеење на Македонците од Мала Преспа, Голо Брдо и Гора;
  2. Дијалектни текстови во Мала Преспа, Голо Брдо и Гора;
  3. Речник на помалку познати зборови и дејалектизми во текстовите;
  4. Регистри;
  5. Илустрации.

Без намера да правиме детална анализа или рецензија на докторскиот труд на д-р Андријана Јаневска, нам, на Македонците во Албанија нѝпретставува особена чест што еден македонски научник ја документираше и ја обработи македонската народна песна која со векови се пренесува од колено на колено во македонските средини во Албанија.

Во својата ФБ страна д-р Јаневска напиша: Голема благодароност до комисијата во состав: проф. д-р Лидија Стојановиќ-Лафазановска, проф. д-р Стефанија Лешкова-Зеленовска, проф. д-р Весна Петреска и проф. д-р Горанчо Ангелов. Секако, најголема благодарност и’ должам на проф. д-р Родна Велицковска која како мој ментор ме водеше низ процесот на создавање на овој труд, на кој му посветив девет години љубов, внимание и работа. И’ благодарам на проф. д-р Катерина Тодороска која ми ја разгоре љубовта кон историјата на Македонија и ми даде идеја да го проучувам македонскиот фолклор во Албанија. Му благодарам и на Никола Ѓурѓај кој ме запозна со многу информатори, пејачи и раскажувачи кои со своето учество придонесоа да се зачува од заборав македонскиот фолклор! Моите истражувања покажаа дека Македонците од овие региони никогаш не ги напуштило чувството за песната, јазикот, припадноста и идентитетот!

Имајќи предвид дека до сега нема вакво истражување за македонската народна песна во Албанија, овој труд е бесценет за нашите сожители.

Македонски весник “Илинден” честитаме на д-р Андријана Јаневска за постигнатиот успех со кој ги направи горди сите Македонци во Република Албанија и му посакуваме уште многу успеси на приватно и професионално поле и упатуваме молба за поскоро објавување на книга со која Македонците во Албанија ќе се гордеат.

 

vesnik-ilinden.com