Владата планира да го прошири тарифниот блок три за корисниците на електрична енергија. Тоа значи дека, дел од домаќинствата кои трошат нешто под 1000 киловатчасови електрична енергија ќе имаат повисоки сметки за струја, објави 24.mk.
Трошоците за електрична енергија ќе им бидат слични како на оние домаќинства кои досега според потрошувачката беа во четвртиот односно најскапиот тарифен блок. Вицепремиерот за економија Фатмир Битиќи потврди дека се работи на барањата на Меѓународниот монетарен фонд
Тарифни блокови (за инсертирање)
I ТАРИФЕН БЛОК ОД 1 ДО 210 Kwh
II ТАРИФЕН БЛОК ОД 210 ДО 630 Kwh
III ТАРИФЕН БЛОК ОД 631 ДО 1050 KWh
IV ТАРИФЕН БЛОК ПОВЕЌЕ ОД 1050 KWh
„Ќе го прошириме тарифниот блок три, најверојатно и тарифниот блок четири со што опфатот да биде поголем, за тие што трошат повеќе. А за најранлиците категории на граѓани, за луѓето кои што штедат вистински електрична енергија да останат ист тарифен модел и цената на електричната енергија или евентуалната промена на цената да не падне на товар на тие што се во првиот или вториот блок.“ – вели Фатмир Битиќи вицепремиер за економија.
Освен забелешка за тарифните блокови се од Меѓународниот монетарен фонд од каде на владата и порачаа да ги намали субвенциите за електрична енергија, бидејќи на долг рок за државните енергетски компании е неиздржливо.
„Потребно е дополнително намалување на енергетските субвенции. Иако зголемувањата на тарифите на електрична енергија имаа влијание врз буџетот на домаќинствата, тарифите за електрична енергија и понатаму се високосубвенционирани. Тие не се доволно таргетирани, и ги одземаат ресурсите од другите приоритетни трошења.“ – велат од ММФ.
Од Регулаторната комисија за енергетика се на став дека засега е рано да се прават било какви пресметки, во однос на зголемувањето на цената на струјата за граѓаните од идната година. Во периодот што следи регулаторот треба да пресмета што ќе значи во сметките на домаќинствата тоа што државата ќе субвенционира 60 отсто од цената која државната ЕСМ ја продава на Универзалниот снабдувач, односно ЕВН Хоум.
Досега државниот удел во цената изнесуваше 80 отсто. А владата дваесетина дена чека одговор од Европската унија, но и од официјална Софија за воведената такса за руски гас. Тие наметнати трошоци од Бугарија дополнително прават притисок врз крајната цена на струјата за домаќинствата.