Во Германија повторно се зголемува бројот на заболени од коронавирусот. Лекарите советуваат луѓето да се вакцинираат, бидејќи оваа болест не треба да се потценува. Најдобра заштита е претпазливост и вакцинација. Ова важи како за Ковид, така и за грипот.
Вакцинацијата против Ковид-19 може да се комбинира со вакцинација против грип. Германскиот постојан комитет за вакцинација и американскиот ЦДЦ (Центри за контрола и превенција на болести) се согласуваат за ова. Но, се чини дека не е препорачливо двете вакцини да се примат во иста рака. Бидејќи, при секоја вакцинација, може да се појават реакции на телото, како црвенило околу местото на инјектирање. Затоа, подобро е едната вакцина да се прими во левата рака, а другата во десната рака.
Се препорачува истовремена вакцинација
Светската здравствена организација и здравствените власти од различни земји препорачуваат истовремено примање на двете вакцини.
Предноста е што е потребна само една посета на лекар, што може да доведе до тоа повеќе луѓе да се одлучат за вакцинација против корона и грип. Така, тие би постигнале подобра заштита.
Научниците работат на комбинирана вакцина
Идеално би било ако може да се да добие вакцина против Ковид-19 и грип со една инјекција. Големите фармацевтски концерни се натпреваруваат да развијат ваква вакцина.
Во САД, вакцината базирана на таканаречената мРНК-технологија доби „статус на брза патека“ од американската ФДА. Тоа значи дека развојот и воведувањето на таква вакцина на пазарот се смета за многу важно и затоа може да се забрза.
Овој „статус на брза патека“ ѝ беше даден на мРНК вакцината од компаниите Фајзер и Бионтек. Сега треба да се спроведе студија во трета фаза, која е важна за давање дозвола за употреба.
Добри резултати покажуваат и студиите спроведени од конкурентската компанија Модерна, тврдат од концернот. Модерна се надева дека ќе добие дозвола да ја користи својата комбинирана вакцина во 2025 година.
Една вакцинација против три болести
Истражувањето и развојот на вакцина која ќе заштити од Ковид-19, грип и РСВ оди чекор понатаму. Вакцината РСВ штити од респираторниот синцицијален вирус, кој го напаѓа респираторниот систем и има симптоми слични на настинка. Кај бебињата и малите деца, респираторниот синцицијален вирус често предизвикува акутен бронхитис.
Вакцината против РСВ во моментов може да се добие само поединечно. Американската здравствена институција ЦДЦ не гледа причина зошто вакцината против тие три болести не може да се даде во една инекција. ЦДЦ смета дека нема потреба да се чека некое време по примањето на некоја од вакцините против овие три болести.
Бројот на заразени со Ковид повторно расте
Експертите се загрижени поради тоа што премалку луѓе се вакцинираат. Причината може да биде тоа што многумина едноставно се уморни од вакцинирање, тоа што Ковид-19 исчезна од свеста на многумина и се чини дека опасноста е многу далеку.
Но, ординациите повторно се преполни со луѓе кои кашлаат и на кои им тече на носот. Не секогаш се работи за коронавирусот, може да се работи и за грип или за обична настинка.
Оние кои се всушност заразени со коронавирусот често страдаат од овие симптоми до две недели. Настинките, меѓутоа, ретко се развиваат, за да мора заболените да завршат во болница.
Ризичните групи сè уште се изложени на ризик
Особено, на ризичните групи им се советува да се вакцинираат против Ковид-19 и грип. Ризичните групи вклучуваат, на пример, луѓе на возраст над 60 и повеќе години или луѓе со коронарна срцева болест или висок крвен притисок. Но, во ризичните групи спаѓаат и пациентите со хроничен бронхитис или хронични заболувања на црниот дроб, како и дијабетичарите. Децата и младите кои имаат основна болест која може да предизвика развој на други болести сè уште се сметаат за особено ранливи.
Лекарите предупредуваат дека коронавирусот и грипот не треба да се потценуваат. Покрај вакцинацијата, може да помогнат и некои други мерки, кои се речиси заборавени. Во некои болници и ординации во Германија повторно е воведена обврската за носење маска. И на јавни места, луѓето со маски повторно сѐ повеќе се гледаат, кои така се штитат себеси или другите од инфекции со коронавирусот.
DW