Устоличен новиот Митрополит на Солун г. Филотеј

Откако пред извесно време Високопреосвештениот Митрополит на градот Солун г. Антим се повлече од митрополитската столица поради прилична старост, од страна на Светиот и Свештен Синод на Православната Црква на Грција за негов преемник беше предложен, изгласан и избран досегашниот Преосветен Епископ Орејски г. Филотеј, кој беше викарен на Архиепископот на Атина и цела Грција г. г. Јероним.

Изминатата сабота, на 25 ноември, на свечената Вечерна богослужба во чесниот и свештен катедрален солунски храм на Божјата Премудрост (Света Софија), во присуство на мнозинства епископи, презвитери, ѓакони, монаси и мирјани беше извршен чинот на устоличување на новиот Митрополит на Свештената Митрополија на Солун, г. Филотеј.

Во тој историски ден, во рацете на Митрополитот г. Филотеј беше доверена грижата за спасението на солунската паства, како канонски пастиреначалник, претстојател во молитвата и заштитник духовен.

Од името на Игуменот на Свештената Бигорска Обител, Неговото Преосвештенство Епископ Антаниски г. Партениј, заедно со братството и сестринствата му честитаме на Неговото Високопреосвештенство г. Филотеј и му посакуваме долгоденствие, крепка сила, здравје, мудрост и просветление од Бога за правилно да го распространува Словото на Неговата Вистина.

На многаја лета, Владико свети!

Достоен!

 

 

Бигорски манастир