Анкетната комисија за Онкологија утврди политичка одговорност, на листата се Филипче, Васев, Нухи, Сотирова-Бухова, Крстевски и Ахмети

Анкетната комисија за скандалот во ЈЗУ Универзитетска клиника за радиотерапија и онкологија утврди политична одговорност кај поранешниот министер за здравство Венко Филипче, екс медицинскиот директор на Онкологија, Нино Васев, Нехат Нухи – поранешен организационен директор на УКРО, кај поранешната директорка на Државниот санитарен и здравствен инспекторат Ирина Сотирова Бухова, како и кај екс директорите на ФЗОМ Стево Крстевски и Фатон Ахмети, објави Република.

Во заклучоците се наведува дека одговорноста е утврдена заради прекршување на уставни начела, непостапување согласно надлежностите кои се пропишани во законите од областа на здравствениот систем, како и прекршување на позитивни прописи од подзаконските акти со кои се уредуваат организацијата, работењето и контролата на здравствените установи.

Во образложението се наведува:

-Kлучниот документ кој ги утврдува неправилностите во работата на Клиниката за онкологија е извештајот на Државниот завод за ревизија за 2021 година, кој извештај ДЗР како овластена институција јавно го објавила во април 2023 година, а извештајот уште во текот на изготвувањето им бил претставен на раководните лица во Министерството за здравство, како и на директорите во ЈЗУ Универзитетска клиника за радиотерапија и онкологија. Извештајот на ДЗР ги констатирал следните состојби:

1) се констатираат слабости во планирањето, реализацијата и контролата на условниот надоместок за набавка на биолошка терапија и отсуство на медицински протоколи/ упатства со кои ќе се воспостават правила и утврдат критериуми за приклучување на пациентите на биолошка терапија;
2) пописот на средствата и обврските не е во целост спроведен и утврдено е непочитување на одредбите од Правилникот за сметководството за буџетите и буџетските корисници;
3) биле преземени обврски над одобрениот буџет за 2021 година и Клиниката се јавува како тужена страна во судски постапки по однос на неплатени фактури за набавка на лекови и медицински материјали;
4) неусогласеност на сметководствената и материјалната евиденција на залихите со состојбата по спроведениот попис;
5) утврдена е несоодветна примена на Закон за јавни набавки за дел од спроведените постапки за јавни набавки;
6) во постапката за сервисирање на опрема за која економските оператори имаат монополска позиција/ексклузивно право, се склучуваат договори за целосен сервис пришто не постои можност да се спореди/утврди реалноста на исплатените средства во однос на обемот на извршените услуги;
7) констатирано е дека набавениот линеарен акцелератор не е ставен во употреба, поради тоа што Клиниката не располагала со соодветен простор;

Врз основ на доставениот извештај на ДЗР за 2021 година, како и матерјалите доставени од Министерството за здравство, Фондот за здравствено осигурување, Државниот санитарен и здравствен инспекторат, МАЛМЕД и ЈЗУ Универзитетска клиника за радиотерапија и онкологија, а по барање на Анкетната комисија за скандалот на Клиниката за онкологија, како и исказите на сведоците и/или експертите кои дадоа искази пред Анкетната комисија, а во врска со скандалот во ЈЗУ Универзитетска клиника за радиотерапија и онкологија, по пат на дедукција се утврди дека:

1. Д-р. Венко Филипче, како тогашен министер за здравство во критичниот период на кој се однесува и извештајот на ДЗР, не постапил согласно надлежностите од Законот за здравствената заштита, и тоа конкретно: член 17, член 27, член 92-г, член 110, член 226-б, член226-и и член 295. Исто така не постапил во согласност со Законот за јавни набавки, и тоа конкретно: член 2(1)т.11, член 76 и член 77 (2 и 5). Не е постапено соодветно на член 4 (1), член 13 (1, 2, 4) и член 22 од Законот за организација и работа на органите на државната управа. По однос на Законот за здравственото осигурување не постапил согласно членот 59.

2. Д-р Нино Васев, како тогашен медицински директор на ЈЗУ Универзитетска клиника за радиотерапија и онкологија, не постапил согласно законските одреби предвидени во Законот за здравствена заштита, и тоа поточно: член 37, член 92-в, член 92-г, член 105, член 110, член 112, член 226-и, член 235 и член 237. Исто така не постапил согласно членот 9 од Законот за здравственото осигурување. Како директор не ги применил и важечките прописи од Правилникот за сметководство на буџетите и буџетските корисници, и тоа конкретно: член 12 (2), член 29, член 31-а, член 31-в и член 33.

3. Д-р Нехат Нухи, тогашен организациски директор на ЈЗУ Универзитетска клиника за радиотерапија и онкологија, не постапил согласно Законот за здравствена заштита, и тоа конкретно: член 92-г, 92-в, член 105 и член 110. Посочениот организациски директор во предметниот период не ги применил и важечките прописи од Правилникот за сметководство на буџетите и буџетските корисници, и тоа конкретно: член 12 (2), член 29, член 31-а, член 31-в и член 33. Дополнително не ги применил важечките одредби од Законот за сметководство на буџети и буџетските корисници, и тоа: член 2, член 6 (2), член 7 и член 12. По однос на Законот за Здравственото осигурување не е постапено согласно член 9. По однос на Законот за јавна внатрешна финансиска контрола не постапил во согласност со членот 7, додека од Законот за буџети не се соодветно применети членот 3 (2)т.8, членот 7 (2). Исто така не постапил согласно Законот за јавни набавки, и тоа конкретно: член 2(1)т.11, член 4, член 5 (1, 2), член 6 (1, 2), член 39 (1), член 75 (1, 2) и член 77 (2, 5). Во негова надлежност е и непостапувањето согласно Законот за финансиска дисциплина, конкретно на членот 6 (1). Од Законот за донации и спонзорства не е постапено согласно член 3 (1)

4. Д-р Ирена Сотирова Бухова, како тогашен директор на Државниот санитарен и здравствен инспекторат, нецелосно ги применила важечките одредби од Законот за здравствената заштита, и тоа конкретно на членот 300. По однос на Законот за санитарната и здравствената инспекција, несоодветно ги применила членовите: чл.2, чл.5 (1, 2, 8, 9), чл 16, чл.17 (2), чл.19 (4) и член 24.

5. Стево Крстевски и Фатон Ахмети, во критичниот период и двајцата како директори на Фондот за здравствено осигурување нецолосно ги примениле законските одредби кои се однесуваат на нивните контролни надлежности кон јавните здравствени установи. По однос на Законот за здравственото осигурување ова се однесува конкретно на член 9, член 54 (12, 13), член 68 (2) и член 71. Исто така, не ги примениле соодветно прописите од Правилникот за овластувања и начин на работа на контролата на Фондот за здравствено осигурување, и тоа конкретно член 1, член 6 и член 7, стои во образложението на Анкетната комисија.

извор: Република