Николоски: Уставните измени се под бугарски диктат, затоа што се целосно во корист на Бугарија

Ако го видите предлогот ќе видите дека е целосно асиметричен, односно во предлогот има само што  добива Бугарија, а нема ништо што добива Македонија. И заради тоа ние велиме дека е диктат, истакна потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски во утринска емисија на „Слободен печат“ говорејќи за уставните измени.

Николоски додаде дека според сите сознанија кои што ги има ВМРО-ДПМНЕ се работи за предлог кој што директно усогласуван помеѓу двете влади. Не се работи за нешто кое што е напишано од трета страна па дадено и усвоено, туку напротив е усогласувано од двете влади, за ова ВМРО-ДПМНЕ излегуваше и во јавност.

„Во такви услови Владата прифатила диктат, велиме бугарски затоа што е комплет во корист на Бугарија и според кој што диктат Македонија има два избори, или никогаш да не стане членка на ЕУ, или да стане членка на ЕУ со променета историја, со јазик за кој што ќе признае дека има бугарски корени и со народ за кој што ќе признае дека пред 1944-45 година не постоел. Затоа што ако ја видите јасно преговарачката рамка ќе видите дека таму само за Македонија се поставени услови кои што за ниедна друга земја која што преговарала и преговара со ЕУ ги нема. А, тоа е покрај преговори за легислативата на ЕУ, треба да се преговара за спроведување на протоколите кои што ги носат владите на Македонија и Бугарија врз основа на Договорот за добрососедство и пријателство од 2017-та година, кој што не е ниту за добрососедство, ниту за пријателство, и работата на историската комисија каде што нашите историчари преговараат со пиштол на глава“, рече Николоски.

Тој посочи дека доаѓаат бугарските историчари и велат дека нивниот поглед за Гоце Делчев е таков, или македонските историчари ќе го прифатат или Бугарија ќе ја блокира Македонија.

„Кога ќе ја отворите Преговарачката рамка, во воведниот дел на Преговарачката рамка го пишува ова што јас го кажувам“, нагласи тој.

Николоски укажа дека основна причина зошто Македонија не почнува преговори со ЕУ е затоа што неколку големи земји членки на ЕУ минус Германија, мислат дека државата не е подготвена пред се во делот на борба со криминал и корупција. И затоа земјите на ЕУ не прават притисок врз Бугарија.

„Ако сакаат да направат притисок врз Бугарија ова се ќе се реши за едно претпладне или едно попладне“, појасни Николоски.

извор: ВМРО ДПМНЕ